Процедурално e јасно како настана драмата, со два потписа (еден на Доналд Трамп и еден на првиот човек на американската трговија Волбур Рос), САД практично на Кина ѝ објавија војна во областа на технологијата а телеком гигантот Хуавеи (и 70 негови афилијации) се најде на црната листа, во друштво со меѓународни дилери на оружје и руски тајкуни.
Пораката веднаш беше правилно прочитана од другата страна на Пацификот па домашниот произведувач на чипови на Хуавеи, ХиСиликон (кој сега треба да го презеде главниот товар, особено во делот на смартфоните) издаде соопштение налик на соопштение на земја на која ѝ е најавена окупација:
„Сега е време сите синови и ќерки на ХиСиликон да бидат херои и хероини на ова време!“
Ваквата одлука („Најлудо можна,“ како што ја опиша ЦЕО-то на Хуавеи) практично ги оневозможува сите американски компании да продаваат технологија на Хуавеи бидејќи за тоа ќе им треба лиценца а тој процес ќе се одвива под правилото „пресумција на одбиеност,“ што значи дека Владата ќе може да ги одбива барањата без да образложува зошто.
Фокусирањето само на Хуавеи ја промашува клучната поента, пишува Форин Полиси, бидејќи американската драматична ескалација го пореметува целиот глобализиран поредок. Ако администрацијата на Трамп остане доследна на одлуката, се отвора ера на раздробување на технологијата на која ѝ нема преседан во поновата историја.
Хуавеи е преголем за американските санкции да значат негово брзо потклекнување, како што се случи со кинескиот ЗТЕ кога пред две години на кратко се најде на црната листа. Се работи за топ телеком производител и вториот најголем смартфон играч, со 180.000 вработени. Една година наназад Хуавеи ги зголемуваше своите резерви од американските производители а го имаат и ХиСиликон. Се разбира, ова е огромен огромен удар за нив, особено во делот на 5Г кој „симболично означува дека економската супериорност на Кинезите ја минала точката од која нема враќање.“ (Види: Зошто Хуавеи е 5Г кошмарот на САД?).
Глобализираната мрежа во која се развиваше технологијата ќе пука и пошироко од релацијата САД - Кина. Бранот дилеми ќе ја покрие и Европа и некои битни партнери на Кинезите кои истовремено се сојузници со САД (Јапонија, Тајван, Јужна Кореја).
Целосниот опсег на извршната уредба на Трамп често се пренебрегнува па конфликтот се сведува на таргетирање на Хуавеи и неговите телекомски амбиции. Не е така. Одредбата ѝ дава право на државата практично да ги забрани сите трансакции меѓу Американци и „информациски и комуникациски технологии“ кои се произведени од „странски непријател“. А дефиницијата за тоа што влегува во тој опис значи практично сè: „каков било хардвер, софтвер или друг производ или сервис наменет за информациско процесирање, складирање или комуницирање по електронски пат“. Тоа ќе да е целата технологија која денес се произведува.
И Блумберг оценува дека забраната е озбилна сратешка грешка на САД. „Тоа што САД имаат причини за загриженост за националната безбедност и што имаат алатки истата за да ја заштитат, не значи дека треба да ги употребат баш сите алатки“, пишува магазинот.