За руските тајни служби Кина е непријател

Претседателот Владимир Путин јавно говори за „непоколебливо“ пријателство со Кина и за „златна ера на стратешката воена и економска соработка“. Службата за внатрешна безбедност во исто време ја смета Кина за „непријател“ со потенцијални „територијални претензии“ што тргнал во разузнавачка офанзива, покажува документ што протекол од ходниците на поранешната КГБ.

Три дена пред Русија да ја нападне Украина, Федералната служба за безбедност одобрила нова контраразузнавачка програма „Антанта-4“, се наведува во протечениот документ на ФСБ, објавен во Њујорк тајмс. Временското поклопување не било случајно. Русија во февруари 2022 година ги пренасочи речиси сите свои воени и шпионски ресурси кон Украина, илјадници километри од границата со Кина, и беше загрижена дека Пекинг би можел да се обиде да го искористи бришаниот простор.

Стравувањата се покажале оправдани, се наведува во документ до кој дошла групата за сајбер криминал „Арес Ликс“. Шест западни разузнавачки агенции го потврдиле за Њујорк тајмс како автентичен.

Кинеските разузнавачки агенти ги засилиле напорите за регрутирање на руски функционери, експерти, новинари и бизнисмени блиски до власта во Москва, се вели во документот. Кинеските агенти често бараат Руси кои се во брак со кинески државјани за да се пробијат преку нив до државните институции. Оперативците што се враќаат од Русија  се проверуваат со полиграфски тестови. Службите на Пекинг внимателно следат и над 20.000 руски студенти што моментално се во Кина. Како одговор, ФСБ наредила „постојано собирање информации за корисниците“ на апликацијата за пораки WeChat, вклучувајќи и хакирање на телефони.

Главната цел на кинеските разузнавачи е да ги следат руските воени операции во Украина, за да имаат увид во современите воени тактики за да можат подобро да се подготват за евентуална операција против Тајван. Кина не војувала од едномесечниот конфликт со Виетнам во 1979 година. 

Од особен интерес за Пекинг се методите на борба со беспилотни летала и модерниот софтвер, се вели во документот на ФСБ.

Кинезите изразиле интерес и за искуствата на платеничката група Вагнер, паравоена група поддржана од Русија која со години бранеше режими низ Африка.

ФСБ стравува дека воените искуства може да ѝ помогнат на Кина да посегне по спорните погранични територии анектирани од Русија пред повеќе од еден век. Се спроведува и шпионажа на Арктикот преку рударски компании и универзитетски истражувачи.

И покрај заканите, ФСБ предупредува дека не смее да се загрози јавната поддршка за Кина.

Стара поговорка е дека не постојат пријателски разузнавачки служби. И покрај „неограниченото“ партнерство, Кина е потенцијална закана, оцени Пол Колби, кој 25 години служел во Дирекцијата за операции на ЦИА, вклучително и во Русија.

9 јуни 2025 - 09:22