Според владата новиот закон ќе помогне француската економија да стане подинамична, според синдикатите законот ги предава работничките права на волјата на работодавците, како укинување на максимумот од 35 работни часови неделно и укинување на плаќањето прекувремени работни часови.
Ваквото недоразбирање кое трае веќе неколку месеци, во вторникот доби нова свежина со демонстрациите одржани од ЦГТ. Изборот на терминот е затоа што законот неделава треба да биде ставен на разгледување во Сенатот. Според организаторот, на улиците на Париз во вторникот имало речиси еден милион луѓе, според властите оваа бројка изнесува 75.000 луѓе. Невработеноста во Франција се движи околу 10%.
Демонстрантите ја гаѓаа полицијата со камења и Молотови коктели, а по пат демолираа и повеќе излози. Полицијата уапси дузини демонстранти, и користеше баражи од солзавец и водени топови за да ги растера демонстрантите. Исходот е 40 повредени во судирите и околу 60 уапсени.
Сето ова се случува во време кога европското првенство почнува да зема залет, а во Франција почнуваат да доаѓаат стотици илјади фудбалски навивачи, додека во земјата се уште трае вонредната состојба од ноември 2015.
За да може да се постигне одржувањето на јавниот ред, во Париз се ангажирани околу 13.000 луѓе од приватни компании за обезбедување. Токму заради неможноста да се гарантира безбедноста на посетителите, Ајфеловата кула е затворена за туристите.