Јавните тела одговорни за пресметување на трошоците за намалување на емисиите од фосилни горива до 2050 година, направиле катастрофално лоши претпоставки за трошоците за обновливи извори на енергија и технологии со ниски јаглеродни емисии, пишува во извештајот на Институтот за економски работи.
Вистинската цена на нето нулата е многу повисока отколку што нè наведоа да веруваме. Ако сакаме да водиме сериозна дебата за целите, јавните тела треба да бидат потранспарентни и почесни, предупредува Дејвид Турвер, авторот на извештајот.
Во оригиналниот извештај од 2015 година Комитетот за климатски промени (CCC) ги проценил на 1.500 милијарди фунти трошоците за намалување на 80% на емисиите на јаглерод диоксид.
Лорд Фрост, шефот на ИЕА, додава дека во тие проценки се поаѓало од нереални претпоставки за цената на технологиите за домаќинствата, како топлинските пумпи и електричните автомобили.
Во извештајот на CCC било проценето дека годинава еден електричен автомобил од ниска средна класа би чинел 23.160 фунти. Но, цената на VW ID3, електричниот еквивалент на VW Golf, почнува од 30.860 фунти и може да достигне над 48.000 фунти. Потценета е и цената на енергијата добиена од соларни централи и ветерници.
Министерството за енергетска безбедност ја отфрла анализата на ИЕА, затоа што се користи друга методологија, која ги игнорира трошоците ако Британија продолжи да користи фосилни горива.
Министерството посочува на посебна анализа на Националниот оператор на енергетски систем (NESO), спроведена лани, во која бруто цената на активностите за нето нула е проценета на 7.600 милијарди фунти. Но, ако од оваа сума се одземе штетата од хипотетичкото сценарио во кое Британија би ја отфрлила транзицијата кон нето нула, разликата во периодот помеѓу 2025 и 2050 година би изнесувала 108 милијарди фунти.
Неверојатно е дека ниту едно од нашите „независни“ енергетски тела не може да објави точна бројка за тоа колку транзицијата кон нето нула ќе ја чини оваа земја. Преоптимистичките претпоставки и групното размислување во нашите институции значат дека летаме на слепо. Резултатот се највисоките цени на електричната енергија во светот и преселба на нашата индустрија во странство, забележува Клер Кинто, секретарка за енергетика во сенка.