Време е Украина да почне со анти-корупциска контраофанзива

На Украина и треба помош од странските сојузници и во уште една контраофанзива против непријател што далеку подолго ја кочи земјата и украинскиот народ: „олигарси и корупција на највисоко ниво“.

Иако 30 години господареа и вршеа притисок на секоја влада, за денешната ситуација во која се наоѓа Украина карактеристично е и тоа што олигарсите се невообичаено слаби, главно затоа што вообичаените државни механизми што ги користеа за своја заштита сега им недостапни, плус нивните медиуми повеќе не се толку слободни да се спротивстават на државниот наратив.

Препораката на Џош Рудолф и Норман Еисен во текстот за Политико е дека западните лидери треба да ја искористат оваа шанса на самитот за помош на Украина закажан за следниот месец во Лондон. Борбата со корупцијата е клучна за САД да може да обезбеди безбедносна помош за земјата и во иднина, а за Европа да може да продолжи со процесот на интегрирање на Украина во Унијата, кога и да се случи тоа.

Пофалбите за украинската борба против корупцијата, главно од УСАИД, се дека на пример го има најтранспарентниот систем за јавни набавки или пак тоа дека имаат креирано „нов меѓународен златен стандард за пакет од специјализирани анти-корупциски агенции кои спречуваат, истражуваат, гонат и одлучуваат за случаи на корупција на највисоко ниво.“

И покрај успесите, тоа што забележуваат двајцата автори е дека до сега сите придобивки се постигнати преку упорно меѓународно условување, кое постојано треба да се бори со упорните препреки кои му се прават на анти-корупцискиот механизам.

„Украинскиот систем на владеење исто така страда од неформално носење одлуки кои се наклонети кон моќните лоби групи и имаат тенденција да го заобиколуваат демократскиот надзор. Во меѓувреме моќта е концентрирана во канцеларијата на претседателот, каде на некои највисоки функционери не им е гајле за реформите.

Според извештаи од пред војната, на пример, цената на одредени големи државни градежни проекти била зголемена за 30%, во кои се влезени и 10% стимул за функционерите,“ се објаснува во текстот на Политико.

Тие потсетуваат дека украинските анти-корупциски институции биле мета на напад од Путин во говор на неколку денови пред војната, што според нив е доказ дека тие се на прав пат со својата работа. Нивното толкување е дека овие анти-корупциски агенции ја засилуваат транспарентноста во земјата, што значи дека Кремљ има се помалку начини како прикриено да влијае врз земјата и нејзините функционери или олигарси.

„Сегашната војна претставува и битка која е многу карактеристична за модерниот геополитички натпревар. Корупцијата ја замени комунистичката идеологија како лепакот кој ги сврзува внатрешните кругови на авторитарните лидери кои го оспоруваат меѓународниот поредок базиран на правила, и како тело преку кое овие режими ги извезуваат своите затворени системи и го поткопуваат суверенитетот на демократиите.

Затоа, совладувањето на корупцијата преку транспарентност и одговорност е стратешки императив кој мора да биде вграден во модерниот Маршалов план за Украина - исто како што спречувањето на комунизмот беше интегрирано во оригиналниот Маршалов план,“ порачуваат авторите.

25 мај 2023 - 14:57