Враќањето на "Авганците"

Заедничкото име се однесува за сега веќе средовечните, искалени во војна, ветерани од советската војна во Авганистан, кои беа пречекани без речиси никакво добредојде од последната војна на СССР. Авганците сега се на фронтот во Украина.

На едната страна е Јури Проценко, кој ги носи обележјата на најголемата сепаратистичка проруска милиција, баталјонот Восток, на кој му се приклучи во февруари минатата година. На другата страна е Игор Панасјук, 49-годишникот што ѝ се приклучи на украинската армија за да ја заштити источна Украина „да не стане втора Чеченија".

За разлика од денес, во 1988-ма двајцата се бореле на иста страна. Проценко во Црвената армија се бори против муџахедините во Кабул и Кандахар. Панасјук е пилот на воен авион во северен Авганистан. „Овие средовечни мажи се закоравени резервисти, што во комбинација со мошне потребното воено искуство ги прави посебно посакувани во конфликт обележан од сиромаштијата и некомпетентноста".

„Авганците не седат по дома за да вртат со палците", изјави Проценко во интервју за магазинот Политико.

„Ние знаеме како да се справиме со крвта, со раните, со артилеријата. Ние знаеме што е војна, а што не е", рече Панасјук во разговор за истото списание.

За време на револуцијата на Мајдан, стотици проукраински Авганци учествуваа во демонстрациите. Според украинската тајна служба, илјадници Авганци се во составот на одбранбените сили на украинскиот фронт. Според украинската унија на воени ветерани од Авганистан, на руска страна се борат најмалку стотици Авганци.

Советската војна во Авганистан почна во декември 1979-та. Во следните десетина години во неа загинаа 15.000 советски војници, а околу 90.000 Авганци се вратија дома, како сè друго освен како херои.

„Комбинацијата од разочараноста од советското раководство и презирот кон војниците што се вратија ги натера Авганците дома да формираат тесно поврзани заедници за поддршка. Во Украина овие заедници, најчесто формирани како оддели на боречките организации, беа клучни во организирањето на борците за сегашната војна", пишува Еми Ферис-Ротман во текстот за Политико.

Таа разговара и со уште еден Авганец, 48-годишниот Владимир Мирутенко, кој се бори на страната на проруската милиција за слава на Русија и против американската идеологија.

„Ако не влезевме во Авганистан тогаш кога требаше, Американците ќе го заземеа. Сега го имаат и види каков неред направија. Ако не се боревме за Доњецк, НАТО, Американците и Меккејн ќе го освоеја", објаснува Мирутенко, кој бил заробен од украинската војска кај Мариупол и, според него, бил неколку дена измачуван.

И покрај тоа што се на спротивните страни, Авганците се согласни дека има сериозни сличности меѓу војните во Авганистан и Украина. Во Авганистан Москва тренираше локална армија за борба против муџахедините што беа финансирани од САД. Во Украина Москва ги финансира бунтовниците за борба против украинската армија што е финансирана во САД.

„Во Авганистан градевме мостови и училишта; им дававме лекови. Русија истото се обидува да го направи и тука, ама Американците се решени да уништат сè", ѝ рекол на авторката на текстот еден од руските Авганци, кој во Авганистан бил од 1983-та до 1985-та.

Сегашниот министер за безбедност на Народната република Доњецк и командант на баталјонот Восток, Александер Ходаковски, објаснува дека Авганците се оформени и мотивирани од советските сеќавања.

Прекрстувајќи се додека влегува во црквата, Александар Јанкивски, заменик-претседателот на киевскиот разгранок на здружението на борците, вели дека сличностите меѓу двете војни продолжуваат да го прогонуваат. „Најголемата сличност со Авганистан - и ова е најсрамниот дел - е тоа што ние повторно ја губиме нашата земја. Меѓутоа Украина е нашата татковина и ние ќе продолжиме да ја браниме", ми рече поранешниот снајперист, кој го спореди колапсот на Советскиот Сојуз со распаѓањето на Украина, пишува Ферис-Ротман.

28 септември 2015 - 14:02