Хаваи стана посебно ризично подрачје откако Северна Кореја напредна со технологијата на своите воени ракети, посебно до каде можат да стигнат, а на САД му се случи Трамп.
Во ваква ситуација на Хаваи некаде од ноември почнаа да се размрдуваат системите за тревога, и да се тестираат нови системи за предупредување на населението и туристите. Еден од системите од новата генерација дозволува испраќање СМС пораки до сите мобилни телефони што се наоѓаат на островот.
Викендов како и во месеци пред него, на системите им следуваше стандардниот тест, па во саботата во 8:05 вработен во надлежната агенција, ја отвора програмата за испраќање пораки и таму се соочува со две опции „тест предупредување за ракетен напад“ и “предупредување за ракетен напад.“ Тој треба да ја избере првата опција за системот тивко и без вознемирување да го изврши тестот. Како што сите знаат, тој ја избира втората и испраќа порака за тревога до целата популација на островот, а телевизиските програми се прекинати и во живо оди подолго предупредување и насоки што да се прави.
Минуваат 38 минути во кои илјадници луѓе се обидуваат да најдат засолниште или да се збогуваат со своите најблиски, пред да биде испратена нова порака во која се кажува дека претходното предупредување за напад било грешно.
Откако сите се истурија на локалните власти за тоа што дозволиле да се случи ваква грешка, одлучено е сите тестови да престанат се до завршување на истрагата, а во иднина најверојатно ќе бидат потребни двајца за испраќање на масовна порака за тревога.