Воздухот во Њу Делхи е како да пушите пола кутија цигари на ден

Десетици милиони луѓе во главниот град на Индија секоја зима дишат загаден воздух илустративно измерен како чад од девет цигари на ден. Многу е полошо во индустриските квартови. Експерти пресметале дека очекуваниот животен век на луѓето им е скратен за осум години. Наместо да ги запрат загадувачите, властите прскаат вода од камиони.

Како и секоја зима во изминатите триесетина години, Њу Делхи со месеци е покриен со токсичен смог, наспроти постојаните ветувања од властите дека ќе го прочистат воздухот во градот со повеќе од 20 милиони жители. 

Луѓето вообичаено се воздржуваат од движење на отворено, но децата треба да одат на училиште, родителите на работа, а улиците се задушени од коли, мотори, скутери и рикши. Особено ранливи се доставувачите и градежниците, кои секој ден со часови се на отворено.

За да ја квантифицира токсичноста на воздухот и неговото влијание врз здравјето на луѓето, Вашингтон пост ги споредува изложеноста на воздухот со чад од цигари. Анализа на владини податоци за загадувањето во периодот од 18 октомври до 31 декември од 40 станици за следење на воздухот распоредени низ регионот на главниот град покажала дека дневниот просек на концентрацијата на микрочестичките ПМ 2,5 и ПМ 10 во воздухот бил еквивалентен на чадот од 9 цигари. Овие честички предизвикуваат проблеми со белите дробови и срцето кога се вдишуваат во големи количини.

Ситуацијата била многу полоша на некои критични локации и во денови на екстремно загадување. На пример, просекот во индустрискиот кварт Вазирпур бил 12 цигари дневно, а на 14 декември сите жители на Делхи биле изложени на загадување еквивалентно на чад од 18 цигари. 

И покрај бројните владини иницијативи во текот на годините за прочистување на зимскиот воздух во Њу Делхи, ситуацијата не се менува. Анализа на податоците од приближно истиот период пред една деценија - од ноември 2015 до јануари 2016 – покажува речиси идентично ниво на загадување.

Кризата со загадувањето во Индија во голема мера е последица на реактивниот пристап на владата - фаворизирајќи привремени итни мерки, како што е употребата на прскалки за вода за намалување на прашината, наместо проактивни напори, како што е ограничувањето на емисиите од возилата и индустријата. Нема да видиме никакво значително намалување на загадувањето во иднина. Луѓето губат години од својот живот, вели Танушри Гангули, директорка во Институтот за енергетска политика на Универзитетот Чикаго во Њу Делхи.

Анализа спроведена од Институтот го поврзува ефектот од загадувањето со намалување на очекуваниот животен век на луѓето за осум години.

Загадувањето на воздухот во Њу Делхи се интензивираше во средината на 1990-тите, кога индиската економија се отвори, а главниот град доживеа брза индустријализација и урбан раст. Се зголеми бројот на возилата и фабриките, а се појавија и проблеми со управување со отпадот. Врховниот суд во 1996 година им нареди на фабриките со највисоки емисии во Делхи да се преселат или да ги затворат погоните.

Но, автоматизирана мрежа за следење на квалитетот на воздухот беше воспоставена дури во 2015 година. Дотогаш, нивоата на загадување веќе беа екстремни. Податоците од Светската здравствена организација покажаа дека во 2015 година, просечната годишна концентрација на PM 2,5 во градот изнесуваше 207 микрограми на кубен метар, повеќе од 40 пати поголема од препорачаната граница. 

Сутрик Госвами, независен истражувач за климатска политика во Индија, тврди дека  загадувањето главно е предизвикано од автобусите, моторните рикшите и личните возила. Влијание имаат и термоцентралите на јаглен. Квалитетот на воздухот е особено катастрофален во зима поради временскиот феномен познат како температурна инверзија, кога студениот воздух ги заробува честичките и ги спречува да се распрснат.

Обидот на владата за „сеење облаци“, техника што се користи за предизвикување вештачки дожд за прочистување на воздухот, заврши со неуспех. Прскањето вода од камиони имаше минимални ефекти.

28 јануари 2026 - 08:53