Војната во Украина ќе ја реши кој прв ќе добие повеќе ракети и гранати

Напредувањето на Украинците периодов е забавено што заради лошото време, што заради консолидацијата на руските одбранбени линии, меѓутоа интензитетот на борбите не е ни најмалку стишен и тие упорно ги празнат залихите и на луѓе и на муниција на двете страни.

За Русија главниот страв за зимава е да избегне губење на уште повеќе територија од украинските контра-офанзиви, алармираат извори од Кремљ, според кои Русија моментално има проблем со навремена и доволна испорака на муниција до фронтовските линии.

„Која страна прва ќе снема муниција ќе реши дали Украина или Русија на пролет ќе започне стратешка инцијатива со потенцијал да ја заврши војната по свои услови,“ пишува Марк Чемпион во текстот за Блумберг.

Ризикот на Украина е дека Русија зимава ќе успее да ги стабилизира фронтовските линии, и да им даде доволно време на мобилизираните регрути да прераснат во ефикасна борбена сила, што значително би ја продолжило војната и би ги блокирало обидите на Украина за враќање на својата територија.

Ноемврискиот извештај на британскиот институт Кралски обединети служби (РУСИ), покажува дека имало моменти кога двете страни испукувале и по 24.000 артилериски гранати на ден, плус десетици на и онака дефицитарните ракети со долг домет, дронови и ПВО муниција. За ко-авторот на извештајот, ваквата потрошувачка е далеку поголема од она што НАТО војските би можеле да го одржат.

Самиот Зеленски јавно инсистира дека на Украина и треба константна поддршка од топови и гранати, плус ракети и проектили со голем домет.

Процената е дека Украина моментално троши околу 100.000 артилериски гранати месечно, а американската индустрија месечно произведува 14.000 гранати со калибар 155-милиметри. Ветувањето е дека тие до пролетва производството ќе го зголемат на 20 илјади месечно, а до 2025 на 40.000. Во исто време, Институтот проценува дека руската страна дневно троши по 20.000 артилериски гранати.

Згора на ова проблем е тенковската муниција за Украина која уште доминантно користи советски тенкови, па има потреба и од советска муниција која е уште помалку достапна од модерната.

Проблемот на Москва е дека троши муниција која е тешко да се надополни за постигнување на многу мали успеси.

Блумберг забележува дека западните процени за руските залихи сериозно варираат, па ако РУСИ проценува дека залихите на Русија со артилериска муниција се критично ниски, естонските воени разузнавачи предупредуваат дека Русија и понатаму има залиха од 10 милиони артилериски гранати и произведува околу 3,4 милиони годишно. Предупредувањето на Естонците е дека Русија може најмалку уште една година да ја продолжи војната.

19 декември 2022 - 11:17