
Договорите, првично понудени на почетокот од минатата година, кои авганистанската влада ги толкуваше како примирје, во реалност беа понуда од талибанците до владините сили да го предадат своето оружје во замена за пари.
Во текот на овие година и пол, средбите меѓу двете страни од селата почнаа да се преселуваат во градовите и на крај да завршат во провинциските престолнини. Кулминацијата беше заслепувачки брза серија на договорени предавања на оружјето во замена за пари.
Со вака подготвен терен, за нешто повеќе од една недела талибанците заземаат над дузина провинциски престолнини и влегуваат во Кабул, што доведе до бегство на претседателот и колапс на комплетната власт.
Вашингтон пост пишува дека главен пресврт за талибанците е договорот од Доха во февруари 2020, кој освен примирје предвидува и целосно повлекување на Американците од Авганистан.
Тогаш дел од владините сили сфаќаат дека наскоро нема да може да се потпираат на клучната воздушна поддршка и останатата борбена логистика што ја добиваат од најмоќната држава на светот.
Иако дел едноставно само сакаат да земат пари, за најголемиот дел од владините сили враќањето на талибанците на власт е само прашање на време, па тие решаваат со време да се најдат на победничката страна.
За авганистанските сили, поразот во војната доаѓа со самото потпишување на договорот од Доха.
„Тие го гледаа документот како крај. Истиот ден кога беше потпишан договорот почнавме да гледаме промена. Секој гледаше само за себе. Како САД да нè оставија да пропаднеме,“ изјавува за Вашингтон пост поранешен офицер на авганистанските специјални сили.
Иако талибанците со месеци успеваат да убедуваат владини војници да се предадат, кога во април годинава Бајден објавува повлекување на американските сили од Авганистан без никакви услови „настана лавина од капитулации“.
Талибанците го освојуваат Кундуз, првиот клучен град во земјата, пред само една недела. По ова следуваат преговори за целата провинција Херат, кои завршуваат со оставка на гувернерот, највисоките функционери на министерството за внатрешни работи, разузнавачи и стотици војници. Овие преговори се завршени за само една вечер.
Брзината со која талибанците ги освојуваат покраинските главни градови одредена е чисто од брзината со која можат да стигнат до нив.
Дури и неколкуте вистински подготвени и мотивирани елитни единици на авганистанската армија кои можеа да се спротивстават на талибанците, главно беа распоредувани со помалку обучените воени единици и полиција кои постојано потклекнуваат под талибанскиот притисок.
Извори за Вашингтон пост раскажуваат и за ситуации во кои дури и кога специјалните единици сакале да се борат, добивале наредба да не преземаат ништо. Како што гледаат дека обичната полиција почнува да се предава, и немајќи друг избор, специјалците решаваат да се облечат во цивилка и да напуштат.
„Срам ми е од тоа што го направив, ама јас сум продаден на Талибанците од мојата влада,“ изјавил еден од специјалците.
Приказната на обичната полиција е дека шест до девет месеци не земале плата, па понудата од талибанците им изгледала далеку попривлечна.
„Без Соединетите држави не постоеше страв дека ќе те фатат за корупција. Јас лично поткупував предавници од нашата армија,“ изјавил поранешниот полицаец.
На полицијата и се собираат и константните порази, па се секое предавање на некоја провинција, тие се повлекуваат во друга, „што постојано ти удира на гордоста, меѓутоа месеци без добивање плата прави да се чувствуваш очаен“.
На крај, според медиумите од регионот, на Ашраф Гани при бегањето му било дозволено со себе да земе и хеликоптер полн пари и четири автомобили полни со пари.