Војната на Америка и Израел против Иран трае веќе седум недели (на почетокот викаа дека тоа ќе биде прашање на недели а не на месеци).
Повеќето американски гласачи веруваат дека Доналд Трамп нема јасен план и многумина се сомневаат дека ги постигнува своите цели во војната (кои се менуваат во лет).
Новите резултати од анкетата на Политико покажуваат дека поддршката за воена акција е слаба а ставовите остануваат во голема мера непроменети од почетокот на војната, иако машинеријата имаше седум недели да ја продаде приказната.
Мнозинството испитаници велат дека војната не е во интерес на американскиот народ.
Речиси половина од сите испитаници сметаат дека претседателот потрошил премногу време на меѓународните работи наместо на домашните проблеми, сугерира анкетата спроведена од „Паблик фрст“, во која учествувале и 29 проценти од неговите гласачи во 2024 година.
Наодите сугерираат дека Трамп постигнал мал напредок во освојувањето на јавноста за конфликтот што е загрижувачко за републиканците во пресрет на изборите во ноември. Расте нивната загриженост дека војната - и ефектот што го имаше врз цените на гасот, нафтата и храната - би можеле да ги поткопаат клучните пораки на Републиканската партија на среднорочен план.
„Мислам дека најголем проблем е што оваа војна не беше однапред продадена“, рече републиканскиот стратег Џејсон Роу.
Иако Трамп прогласи убедлива победа, само 15 проценти од испитаниците мислат тој ги постигнал своите цели за интервенција. Четириесет проценти велат дека Трамп или никогаш нема да ги постигне своите цели во Иран или воопшто нема јасни експлицитни цели.

И кај неговите поддржувачи, над една третина мислат дека тој нема план.
Републиканците во Вашингтон во голема мера остануваат јавно на страната на Трамп, но и таму се јавуваат пукнатини: најгласен против војната е сенаторот Ренд Пол, на иста линија се и Томас Мејси („Оваа војна не е America first“), Ворен Дејвидсон, Мерџори Тејлор Грин и други. Не мало влијание имаат и медиумските лица кои се против оваа авантура: Такер Карлсон, Мегин Кели, Кендис Овенс и Алекс Џонс кои Трамп брутално ги нападна (види во „Групата за отпор на Трамп“)
Роу оценува дека најголем замор во врска со војната прави тоа што секој ден викаат дека ќе заврши.
