Срцето повикува на будност во врска со мелатонинот

Мелатонинот е природен хормон кој организмот го произведува ноќе а чии лабораториски синтетизирани верзии често се користат како помош за заспивање. Консензуално се смета за здрав за срцето. Сепак, една обемна нова студија сугерира дека редовните долгорочни корисници се соочуваат со поголем ризик од срцева слабост, хоспитализација, а со текот на времето, пу-пу, скраја да е.

Возрасните со хронична несоница кои користеле мелатонин една година или подолго се соочиле со 90 проценти поголем ризик од развој на срцева слабост во рок од пет години, во споредба со оние кои не го користат.

Прелиминарната анализа, презентирана пред Американското здружение за срце, следела повеќе од 130.000 возрасни лица со дијагностицирана несоница. Меѓу оние кои земале мелатонин повеќе од една година, 4,6 проценти развиле срцева слабост, во споредба со 2,7 проценти од оние кои не го користат.

Корисниците на мелатонин исто така имале повеќе од три пати поголема веројатност да бидат хоспитализирани поради срцева слабост и имале речиси двојно поголем ризик од смрт, од која било причина. Сепак, двете групи се разликувале само скромно во апсолутни услови: 7,8 проценти од долгорочните корисници на мелатонин починале во текот на периодот на студијата наспроти 4,3 проценти од оние кои не земале мелатонин, разлика од околу 3,5 процентни поени.

„Заклучокот не е дека мелатонинот е „лош“ или дека секој треба да престане да го зема, туку дека не треба да претпоставуваме дека нешто е без ризик само затоа што е природно или се продава без рецепт,“, изјави д-р Екенедиличукву Нади.

Во изминатата деценија, употребата на мелатонин е повеќе од двојно зголемена, околу 12 проценти од Американците се дијагностицирани со хронична несоница а милиони други повеќето ноќи се борат да заспијат.

Студијата не докажува дека мелатонинот директно предизвикува срцева слабост, потенцираат авторите бидејќи студијата е опсервациска. Луѓето кои земаат мелатонин секоја вечер веројатно имаат потешка несоница, што само по себе може да ги зголеми ризиците од срцеви заболувања. Сепак, големината на студијата и внимателното споредување ги прават наодите значајни и покренуваат важни прашања за безбедноста на додатоците во исхраната.

 

19 април 2026 - 09:26