Водич низ теориите за паѓањето на рускиот авион

Руските семејства веќе почнаа да ги идентификуваат остатоците од 224-те жртви од авионската несреќа над Египет. Египетските власти работат со Русите на истражување на црните кутии од авионите и во меѓувреме нема никакви дополнителни официјални информации. Тоа не значи и дека нема шпекулации по сите можни основи.

Технички проблеми
Руските власти се уште ја немаат отфрлено можноста за технички дефект. Според египетските власти авионот ја минал инспекцијата пред полетување, а авиопревозникот, инсистира дека Ербусот бил во одлична состојба.

Тука се вмешува сопругата на ко-пилотот, која за руската телевизија изјавила дека нејзиниот сопруг, зборувајќи со нивната ќерка, се пожалил на општата техничка состојба на авионот.

Оваа теорија ја поддржува и аналитичарот на СиЕнЕн на темава, кој проблемот го гледа во еден претходен дефект на авионот. Во 2001-ва опашката на истиот овој авион била оштетена при слетување на аеродромот во Каиро. Од Метроџет објаснуваат дека опашката била "комплетно поправена" и не придонела за падот на авионот. На ова подоцна реплицираше анализата на Ројтерс, според која лошата поправка на опашката на авионот до сега има предизвикано две големи авионски несреќи, една во 1985-та (520 жртви) и втора во 2002-ра (со 225 жртви). И во двата случи, поправките се направени многу години пред несреќата.

Механичка сила
Претставник на МетроЏет во понеделникот изјави дека несреќата не е резултат на технички проблем, туку на "техничка или физичка акција" надвор од авионот.

"Единствено можно објаснување е механичка сила која делувала на леталото. Не постои комбинација на системски дефекти кои би можеле така да го распарчат авионот во воздух. Отфрламе каков било технички дефект или грешка од екипажот," изјавил заменик генералниот директор, Александар Смирнов.

Катастрофална случка во летот
СиЕнЕн цитира американски функционер според кој нивните воени сателити забележале топлотен блесок на небото над Синај, за кој сметаат дека е од летот 9268. Според нив, ваквата појава покажува дека нешто "катастрофално се случило во самиот лет" - можно да е и експлозија на бомба:

"Аналитичарите објаснуваат дека ваквиот блесок може да се поврзе со повеќе работи: лансирање проектил, експлозија на бомба, експлозија на проблематичен мотор, структурен проблем кој предизвикал пожар во авионот, или остатоци од авионот кои удираат во тло."

Тероризам
Локална филијала на ИСИС веднаш се подаде да ја превземе одговорноста за несреќата, изјавувајќи дека тие го собориле авионот, ама не дадоа никакви докази за ова. Руските власти ги отфрлаат сите тврдења дека можно е да станува збор за тероризам. Американските разузнавачки извори тврдат дека сателитските снимки исклучуваат какво било лансирање на проектил кон авионот.

Разни елементи
Руската новинска агенција ТАСС, цитира неименувани извори од Каиро, според кои истражувачите нашле и ќе анализираат мистериозни елементи (кои вообичаено не треба да ги има во структурата на Ербас) на местото на несреќата. Според истите извори, овие елементи може да доаѓаат и од багажот на патниците.

4 ноември 2015 - 12:26