
Кога на 7 мај ќе почне конклавата, меѓу кардиналите со право да го изберат новиот поглавар на Римокатоличката црква доминираат Европејците.
Од вкупно 252 кардинали, 135 го задоволуваат условот да бидат електори (да бидат помлади од 80 години). Од нив дури 17 се од Италија, а уште 36 се од други делови на Европа. Тоа значи дека „домаќините“ во гласачкиот процес се застапени со доминантни 39 проценти, иако само околу една петтина од сите католички верници живеат во Европа.
Ситуацијата е сосема поинаква во Латинска Америка и Карибите, на пример. Таму живеат повеќе од 40 отсто од верниците, но само 23 кардинали (17% од вкупниот број) ќе имаат право на глас за новиот папа.
Од Азија има 23 кардинали-електори, од Северна Америка 20, а од Океанија четворица.
Африка е исто така недоволно застапена: со 20% од католичките верници и само 13% од кардиналите-електори. Дали тоа значи дека следниот папа нема да биде со темна кожа, за да се одрази глобалната распространетост на верниците?
Тука во игра влегува Нострадамус, прочуениот француски астролог, фармацевт и лекар, на кој до денес му се припишува дека во книгата „Пророштва“ во 1555 година погодил сè што сега се случува во Ватикан.
Во стиховите Нострадамус зборува за „смртта на многу стар понтиф“ (На возраст од 88 години, Франциско беше вториот најстар папа на сите времиња).
Еден млад човек со темна кожа ќе ја предаде чантата на човек со црвена кожа, со помош на големиот крал, запишал Нострадамус.
Некои во овој стих препознаваат пророштво за „црн папа“, а други обид за подмитување кардинал во препознатливата црвена облека.
Како и да е, изборот на аргентинскиот кардинал Хорхе Марио Бергољо за папа покажа дека Европа повеќе нема толку големо влијание врз Католичката црква како што се смета во Рим.