Сангер беше исфрлен од Википедија една година откако заедно со Џими Велс ја основаа онлајн енциклопедијата. Тој смета дека во денешна форма енциклопедијата отстапила од основачките принципи и пристрасно ги покрива прашањата како криминалот, религијата и климатските промени.
Википедија е како автобус што се движи по автопатот без возач и удира во невини луѓе, вели Сангер.
Милијардерот Илон Маск, сенаторот Тед Круз и коментаторот Такер Карлсон се меѓу оние кои повикуваат на реформирање на енциклопедијата, која би требало да е заштитник на фактичките информации од лавината содржини генерирани од вештачката интелигенција. Круз испрати отворено писмо до Фондацијата Викимедија, со барање да отстапи од идеолошката пристрасност.
Комитетот за надзор на Претставничкиот дом во август почна истрага за можна манипулација со платформата од страна на „непријателски државни актери со цел да ја изложат публиката на антизападни пораки“. Маск, пак, најави дека ќе лансира алтернативна Грокипедија, управувана од вештачка интелигенција.
Бранителите на Википедија велат дека ова се партиски напади врз „скапоцен културен ресурс кој е изграден за да ги одвои фактите од пропагандата“.
За разлика од конвенционалните енциклопедии, Википедија е напишана и уредувана целосно од волонтери, од кои повеќето се анонимни. Секој може да се вклучи и да напише нова статија или да предложи ревизии на постоечка, сè додека цитира извори. Но, моќта за решавање на спорови и контролирање на страницата е резервирана за избрана група уредници.
Навистина е важно да се запомни дека 99,999 проценти од содржината се факти како спортски резултати или класификации на растенија на различни јазици, вели Маријана Искандер, директорка на Фондацијата Викимедија.
Различни студии низ годините се обидоа да ја утврдат политичката наклонетост на Википедија, при што некои сугерираат дека таа оди умерено лево во контекст на американската политика. Студиите, исто така, покажаа дека статиите имаат тенденција да станат понеутрални со текот на времето како што уредниците работат на нив.
Пред една деценија, преовладувачка критика за Википедија беше дека нејзините уредници беа претежно бели мажи од богати земји, оставајќи го поголемиот дел од нејзината глобална публика недоволно застапена во нејзината покриеност. Фондацијата Викимедија охрабри серија „томови на уредување“ за да привлече повеќе жени да уредуваат стории, во обид да го прошири опсегот на страницата во време кога 90% од уредниците беа мажи.

Минатиот месец, Сангер објави „Девет тези“ за тоа како да се реформира Википедија. Тие опфаќаат: зајакнување на политиката за неутралност, откривање на нејзините највлијателни уредници и укинување на „црните листи“ - извори што Википедија ги сметала за премногу несигурни за цитирање.
Сангер работи на тоа да ангажира стотици конзервативци во САД и во странство да станат активни уредници на Википедија, за да ревидираат статии на теми како војната во Газа, хиндуистичкиот национализам во Индија, безбедноста на вакцините и причините за климатските промени.
Ништо не нè спречува. Сите ние кои чувствуваме дека сме исклучени од Википедија, избркани со текот на годините - мислам дека е добра идеја да поминеме неколку месеци, една сезона, на Википедија и да видиме што може да направиме, рече Сангер.