Системот е развиен веднаш по нападот од 7 октомври, кога на израелските власти им е поважна брзина отколку прецизност, што резултира со илјадници загинати цивили во Газа.
Израелските власти за сега не го негираат постоењето на Лавандер системот, но тврдат дека тој не бил искористен, опишувајќи го само како „обична алатка за анализа во процесот за идентификување на мети,“ и дека на крај аналитичари прават детална проверка пред изборот на мети за елиминирање.
Она што го пренесуваат израелските +972 и Локал кол, е дека од израелските разузнавачи не се барало задолжително спроведување на независна проверка на метите избрани од Лавандер пред истите да бидат бомбардирани, туку само служеле за удирање ентер на одлуките на ВИ. Во одредени случаи, пример, задачата на аналитичарите била само да утврди дека метата е маж.
За „тренингот“ на Лавандер се користени бази на податоци со познати членови на Хамас и Исламски џихад, но е додадена и база на луѓе кои не биле директно поврзани со Хамас, пример, вработени на МВР во Газа. Лавандер бил трениран да толкува членства на одредени Вотсап групи, често менување на броеви на мобилен и менување на адреси како критериуми за одбирање на потенцијални мети.
Израелските разузнавачи тврдат дека системот има 90% точност, што значи дека 10% од луѓето идентификувани како Хамас воопшто не биле негови членови. Од овие 10% некои само имале слично име или прекар како член на Хамас, биле роднини со некој од терористите на Хамас или користеле негов број откако тој го сменил.
Во првите неколку недели од судирот на израелските разузнавачи им било дозволено да убијат 15 до 20 цивили како колатерална штета за секој убиен понизок припадник на Хамас. Кај високите функционери и команданти на Хамас, била дозволена колатерална штета од „стотици“ цивили.
На оперативците им било дозволено да ги следат метите и да ги чекаат да дојдат дома, каде биле бомбардирани и убиени со целото нивно семејство. Имало и случаи кога нивните домови биле бомбардирани и без да се потврди дали потенцијалната мета била таму, притоа убивајќи и голем број цивили.