Паскал Лами, кој беше на чело на СТО од 2005 до 2013 година, оценува дека интересите на Обединетото Кралство се во трговијата да остане блиску до ЕУ, наместо да биде сојузник со Трамп, во крајна линија затоа што тргува три пати повеќе со Европа отколку со САД.
Но, не само заради тоа. Еден од доверливите луѓе на Трамп, Стивен Мур, деновиве порача дека Обединетото Кралство ќе треба да го отфрли „социјалистичкиот модел“ на ЕУ доколку сака да има реални шанси да склучи договор за слободна трговија со САД под Трамп и да ги избегне тарифите од 20 отсто што ги вети новоизбраниот претседател.
„Според мене, Велика Британија е европска земја. Нејзиниот социо-економски модел е многу поблизок до социјалниот модел на ЕУ, отколку до брутална верзија на капитализмот на Трамп и Илон Маск. Ако Трамп се повлече од Украина, апсолутно не се сомневам дека Велика Британија ќе остане на европската страна“, рече Лами за Опсервер.
Сето ова во очекување на развојот на настаните на состанокот на Г-20 во Бразил каде се очекува Кир Стармер да разговара со кинескиот претседател Кси, за чија земја Трамп предлага да се воведат огромни увозни царини од 60%. Трговските експерти очекуваат САД да бараат ЕУ и Обединетото кралство да го следат примерот, на што и двете ќе се спротивстават од свои трговски причини.