УСАИД плаќал Џеј Ди Венс да биде оцрнет како руски пропагандист

Американскиот претседател реши да ја скастри УСАИД поради апсурдни трошоци низ светот. Но, Трамп ја испушти можеби најскандалозната операција: УСАИД финансирала и обучувала украински групи да прават црни листи на кои американскиот потпретседател, членови на Конгресот, истакнати новинари се етикетирани како „странски пропагандисти“, пишува Грејзон на Макс Блументал.

Повеќе од две години УСАИД спонзорирала разни украински групи, како Молфар и VoxUkraine, кои организирано уништувале углед на американски политичари. Сега кога тие функционери заземаат клучни позиции за национална безбедност во администрацијата на Трамп, дали е чудно тоа што го затвораат апаратот за информативна војна што ги клеветеше како странски агенти, прашува новинарот Вајат Рид.

За „пропагандисти на Русија“ биле прогласени потпретседателот Џеј Ди Венс, директорот за контратероризам Џо Кент и републиканскиот пратеникот Томас Маси. Тројцата до денес се на „црната листа“ на украинската група Молфар, финансирана од УСАИД. 

Овие лица претставуваат закана за националната безбедност на земјите што не ја поддржуваат терористичката политика на Руската Федерација, наведува Молфар.

Венс е „пропагандист“ зашто „ја споредил украинската демократија со Авганистан“, барал да запре финансирањето на војната и поради ставот дека Украина не треба да се приклучи на НАТО. Во 2022 година, претставник на Молфар во изјава за ЦНН го обвини претседателот Трамп за „апсолутно проруско“ однесување поради неговата изјава: „Крим е руски, затоа што луѓето зборуваат руски“.

Молфар, украински израз за волшебник, се опишува како „опен сорс разузнавачка агенција“ која „прави списоци на украински непријатели за да ги изведе воените злосторници пред лицето на правдата“. На нејзината веб-страница како партнери порано беа наведени УСАИД и Фондот за граѓанско истражување и развој (CRDF). 

Логото на УСАИД е прикачено на извештај на украинскиот Национален координативен центар за кибернетска безбедност (НКСКК), во кој е забележано дека Молфар со директна помош од американската влада помагал да се обучат илјадници владини службеници за тактики на оцрнување и им давал инструкции за кибернетско војување и психолошки операции. 

Заедно со водечките експерти од украинската компанија Молфар, повеќе од 2.000 јавни службеници изработија практични задачи од следните тематики: пребарување отворени извори, пребарување контакти, користење ботови на Телеграм, психолошки операции и нивно користење во информатичко војување, анализа на слики и човечко разузнавање или социјален инженеринг, се наведува во извештајот.

Авторите забележуваат дека УСАИД ќе издвои 60 милиони долари за „зајакнување на кибернетската безбедност на Украина“.

Покрај оцрнување на американски политички лидери, Молфар нишани и кон новинари, вклучувајќи го и Макс Блументал, главниот уредник на „The Grayzone“, за кој најави дека „ќе го разоткрие како руски агент во порака до стотици медиумски контакти“. Имејл масовно испратен од адресата на директорката на Молфар, Дарија Вербитска, лажно го обвини Блументал дека „се приспособува на руските наративи по магичното зголемување на приходите“. Во пораката е наведено дека ќе биде доставен и извештај за „приближниот приход, неговите извори, лажно CV, соработка со други пропагандисти, докази, негативи, врски со луѓе низ светот, семејството, контактите, имотот и други информации“.

Извештајот на Молфар претставува едвај кохерентен збир на лажни тврдења и клевети. Како „лажни вести“ беа претставени објективно вистинити изјави на Блументал како: „САД и НАТО ја спонзорираат војната во Украина“.

Но, во досието беа наведени неговата домашна адреса, адресите на членовите на семејството, па дури и на нивните соработници. УСАИД така спонзорираше операција што загрози американски граѓани поради критикување на украинската влада. 

Цел за отстрел на Молфар биле и Илон Маск, новинарите Глен Гринвалд, Такер Карлсон и Ерон Мате од „The Grayzone“, како и влијателниот економист и геополитички коментатор Џефри Сакс.

Американски владини пари цицале и VoxUkraine, влијателна аналитичка група и фактчекер, како и Центарот за борба против дезинформации, кој е официјален соработник на украинскиот Совет за национална безбедност.

Формирана среде пучот во 2014 година, поддржан од САД, VoxUkraine тврди дека почнала како екипа од четворица украински економисти, кои „едноставно сакале да го подигнат нивото на економскиот дискурс“. Импресивно, веќе од 2015 година тие успеаја да заработат речиси 2 милиони долари. Годишниот извештај забележува дека 42% од приходите дошле од еден донатор: Националната фондација за демократија (НЕД). Оттогаш, VoxUkraine се прошири со поддршка од НЕД и УСАИД, финансирани од САД.

Најистакнат проект е VoxCheck, кој е дел од „Меѓународна мрежа за проверка на факти“. На профилот на VoxCheck е истакнато дека средствата ги добива од НЕД, од Амбасадата на САД и од Фејсбук, од кој добила партнерски ангажман за проверка на фактите на платформите на „Мета“. Годишните извештаи покажуваат дека во 2021 година, тие речиси целосно се потпирале на парите од Фејсбук (61%). Со почетокот на војната во 2022 година, тој дел се намалил на 6%, а УСАИД и НЕД заедно обезбедиле 28% од буџетот.

VoxCheck соработуваше и со украинскиот Центар за борба против дезинформации за да состави уште една црна листа на која 26 американски граѓани се етикетирани агенти на Русија. На листата, меѓу другите, се и Макс Блументал, судијата Ендрју Наполитано, Такер Карлсон, Глен Гринвалд, Џими Дор, Клејтон Морис, Брајан Берлетик, Даглас Мекгрегор и Џефри Сакс.

Центарот за борба против дезинформации (ЦЦД), основан од претседателот Володимир Зеленски под покровителство на Советот за национална безбедност, ја оцрни актуелната американска директорка за националното разузнавање Тулси Габард дека е „на платен список на Кремљ“. На листата „промотори на наративи усогласени со руската пропаганда“ беше и сенаторот  Ренд Пол. Една недела по изборот на Трамп во ноември 2024 година, ЦЦД ја избриша објавата за Габард.
 

11 март 2025 - 13:45