Урсула го кастри Зелениот договор за да му го спаси животот

Минатогодишните избори ја променија политичката сцена во Брисел и ја притиснаа Европската комисија да откажува проекти од амбициозниот договор за заштита на природата. Урсула фон ден Лајен, која настојува да го остави Зелениот договор како свое наследство, чекор по чекор укинува негови делови, во обид да ја задржи во живот главната цел – нулта емисија на штетни гасови до 2050 година.

Во првите шест месеци од новиот мандат на Урсула фон дер Лејен, Европската комисија го одложи законот за запирање на уништувањето на шумите, им даде на производителите на автомобили уште две години за да ги исполнат целите за загадување и го намали статусот на заштита на волците. На еколошки невладини организации им е замрзнато финансирањето.

Политичките тензии достигнаа врв оваа недела откако законот против „зелено перење“ беше отфрлен во последните фази од преговорите. Фон дер Лејен објаснува дека стои зад предлогот, сè додека правилата за зелено перење не важат за најмалите компании.

Зелениот договор, покренат во 2019 година, на почетокот на нејзиниот прв мандат како претседателка на Европската комисија, предвидуваше целосна преобразба на економијата на Европската Унија. Целта до 2050 година да се намали до нула испуштањето на гасовите што предизвикуваат глобално затоплување беше голем товар за земјоделството, транспортот и енергетиката.

Минатогодишните избори за ЕУ ​​донесоа десничарско мнозинство во Европскиот парламент, кое го поддржа вториот мандат на центристичката претседателка, но постави и услови. Фон дер Лејен поддржа полабави правила за емисиите од автомобили, поедноставување на корпоративните регулативи и пренасочување на зелените фондови. Комисијата ги отфрли барањата компаниите да известуваат за нивното влијание врз животната средина и изложеноста на климатски ризици. Ја ублажи забраната за продажба на возила со мотори со внатрешно согорување до 2035 година. Го укина законот што ги контролира пестицидите. Исчезнаа обидите за регулирање на загадувањето со јаглерод од земјоделството.

Фон дер Лејен, лекарка пред да влезе во политиката, непоколебливо сака да го спаси пациентот, дури и ако тоа значи отстранување на некои од неговите помали екстремитети, забележува Карл Метисен од Политико.

Акцентот сега е на зачувување на она што Фон дер Лејен го смета за јадро на Зелениот договор: Законите за климатските промени и напорите на ЕУ да го искорени загадувањето со стакленички гасови до 2050 година.

Цврсто стоиме зад Европскиот зелен договор. Климатските промени нема да исчезнат. Поедноставувањето е во интерес на Европскиот зелен договор. Ако стане премногу сложено, нема да се направи, рече главната портпаролка на Европската комисија, Паула Пињо.

Следната недела Комисијата треба да ја претстави својата климатска цел за 2040 година, но коалиција од земји предводени од Франција врши притисок да се спречи целта да влијае на пократкорочните напори за климата. Европската народна партија, на која ѝ припаѓа Фон дер Лејен, бара поголема флексибилност за тоа како земјите можат да ги постигнат своите цели. Според нацрт-предлогот за 2040 година, на земјите ќе им биде дозволено да префрлат дел од намалувањата на емисиите на посиромашните земји.

26 јуни 2025 - 10:15