
По ударот од администрацијата на Доналд Трамп врз светскиот поредок, Европа брза да се прилагоди на новата геополитичка ситуација, вели Урсула фон дер Лајен во интервју за германскиот весник Цајт.
Европа сè уште ја смета Америка за свој сојузник, но не ги заборава ни другите пријатели низ светот, кои ги привлекува со својата предвидливост и доверливост.
Позитивен ефект од војната со тарифи е тоа што во моментов имам безброј разговори со шефови на држави што сакаат да работат заедно со нас на новиот поредок. Од Исланд до Нов Зеланд, од Канада до Емиратите... Мораме да го искористиме овој момент за да отвориме нови пазари за нашите компании и да воспоставиме што е можно поблиски односи со многу земји со исти интереси како нас, вели претседателката на Европската комисија.
Последица од вториот мандат на Трамп е и преиспитувањето на суштината и улогата на Европската Унија.
Европа е будна. Мораме да одиме подалеку во градење на сопствени одбранбени капацитети и подобрување на конкурентноста. Подготвеноста на сите 27 членки да ја зајакнат заедничка одбранбена индустрија би била незамислива без развојот на настаните во последните недели и месеци. Истото важи и за економијата, вели Фон дер Лајен.
Таа ги прифаќа се почестите и погласни критики дека Европската Унија е заглавена во бирократија, особено поради принципот на решавање со согласност на сите 27 членки. Најавува дека тоа ќе мора да се промени.
Правите многу компромиси што често ги комплицира работите. Но, сега напорно работиме да ги промениме нештата кои се излишни, непотребни и комплицирани. Мора повторно да стане полесно да се води бизнис во Европската Унија. Тоа е целта, вели Урсула фон дер Лајен во интервјуто за Цајт.