Универзитетот Колумбија повика полиција да апси „блокадери“

Српските студенти речиси шест месеци ги блокираат тамошните факултети и универзитети во протест за паѓањето на  настрешницата во Нови Сад. Пропалестински активисти во Универзитетот Колумбија во Њујорк блокирале и вандализирале библиотека… Управата повика полиција, која ги расчистила активистите за помалку од шест часа. Меѓу нив не биле само студенти.

Њујоршката полиција уапси повеќе од 70 пропалестински активисти што со часови окупираа дел главната библиотека на кампусот на Универзитетот Колумбија.

Двајца припадници на обезбедувањето биле повредени кога демонстрантите, повеќето со палестински шамии и покриени лица, вчера насилно се пробиле во библиотеката Батлер. Тие ја прогласиле библиотеката за „Народен универзитет Базел Ал-Араџ“ и ја вандализирале со испишани пораки „Слободна Палестина“.

При полициската интервенција демонстрантите не дале отпор. Извикувале: „Немаме што да изгубиме освен нашите синџири!“.

Клер Шипман, претседателката на универзитетот, побарала од полицијата да помогне во расчистувањето на зградата. Таа тврди дека многумина од демонстрантите воопшто не биле студенти.

Неприфатливо е некои лица да изберат да ги нарушат академските активности додека студентите се подготвуваат за завршните испити, изјави Шипман.

Градоначалникот на Њујорк, Ерик Адамс, објави: „Нема да толерираме омраза или насилство во каква било форма во нашиот град“.

Гувернерката Кети Хокал им изрази благодарност на службите што ги чуваат студентите безбедни“.

Секој има право на мирен протест. Но насилството, вандализмот или уништувањето на имот се целосно неприфатливи, изјави демократската гувернерка.

Полицијата беше повикана да интервенира на Универзитетот Колумбија и лани во април, кога пропалестински демонстранти речиси цел ден го окупирале колеџот во Хамилтон хол.

На почетокот на вториот мандат, претседателот Доналд Трамп предупреди дека ќе ги укине федералните финансии од 400 милиони долари за Колумбија поради тоа што универзитетот толерира антисемитизам и напади врз еврејски студенти. Универзитетот во март прифати некои барања од администрацијата, како забрана за носење маски на протестите и задолжително носење документ за идентификација.

Српските студенти со месеци блокираа поставувајќи им на институциите 4 услови поврзани со настрешницата. Потоа додадоа петти (за звучниот топ) и шести (за влегувањето на Вучиќ кај настраданите од Кочани). Последно барање им е распуштање на парламентот и предвремени избори на кои тие би излегле со свои пратенички листи на кои ќе нема сегашни или бивши фунционери на владеачката коалиција или опозицијата.

8 мај 2025 - 10:13