
Анализата на податоци од 190 земји покажала дека преваленцијата на деца со недоволна телесна тежина се намалила од 13% во 2000 година на 9,2% денес. Во истиот период бројот на дебели деца низ светот се зголемил од 3% на 9,4%. Обезноста денес е позастапена од неухранетоста кај децата во сите светски региони, освен во Супсахарска Африка и Јужна Азија.
Пацифичките острови имаат највисок процент на дебели деца, од 33% во Науру до 38% во Ниуе, што е двојно повеќе во споредба со пред 25 години. Причина за наглото зголемување на телесната тежина, според УНИЦЕФ, е напуштањето на традиционалните диети и преминот кон евтина увезена храна, богата со калории. Високо ниво на дебели деца има и во многу земји со високи приходи – 27% во Чиле и 21% во САД и во Обединетите Арапски Емирати.
Значително е зголемен и бројот на деца со прекумерна тежина. Заедно со обезните, во светот ги има 391 милион, односно речиси секое петто дете на возраст од 5 до 19 години.
Прекумерна тежина води до поголем ризик од развој на инсулинска резистенција и висок крвен притисок, и од болести како дијабетес тип 2, кардиоваскуларни заболувања и одредени видови на рак подоцна во животот.
Кога зборуваме за неухранетост, повеќе не зборуваме само за деца со недоволна тежина. Дебелината е растечка загриженост што може да влијае на здравјето и развојот на децата. Ултра-преработената храна сè повеќе ги заменува овошјето, зеленчукот и протеините во периодот кога исхраната игра клучна улога во растот, когнитивниот развој и менталното здравје на децата, рече извршната директорка на УНИЦЕФ, Кетрин Расел.
УНИЦЕФ во извештајот предупредува на децата им се наметнува ултра-преработената и брзата храна - богата со шеќер, рафиниран скроб, сол, нездрави масти и адитиви. Оваа храна, која е поевтина, доминира во продавниците и училиштата. Во исто време дигиталниот маркетинг ѝ дава на индустријата за храна и пијалоци моќен пристап до младата публика.
Во глобална анкета на 64.000 млади луѓе на возраст од 13 до 24 години од над 170 земји спроведена лани, 75% од испитаниците изјавиле дека во претходната недела виделе реклами за зашеќерени пијалоци, грицки или брза храна, а 60% рекле дека рекламите ги поттикнале да јадат.
Агенцијата на ОН ги повикува владите да не дозволат индустријата за ултра-преработена храна да се меша во политичките одлуки. Се бараат законски мерки за заштита на исхраната на децата со отстранување на ултра-преработената храна од училишните мензи и воведување даноци за нездрава храна и пијалоци.
УНИЦЕФ предупредува дека без владини интервенции за да се спречи дебелеењето кај децата, земјите ќе се соочат со огромни здравствени и економски проблеми во иднина. Како пример е наведен Перу, каде што финансиските последици се проценети на 210 милијарди долари. Во глобални рамки, економскиот импакт на дебелината и на прекумерната тежина е процената на 4.000 милијарди долари годишно во 2035 година.
Како позитивна реакција е истакната одлуката на властите на Мексико да забранат во училиштата да се дистрибуираат и да се продаваат ултрапреработена и храна богата со сол, шеќер и масти.
******
Види и: Иднината им припаѓа на дебелите
Оваа година на детето скратете му 10 кила шеќер