
Епидемијата на дебелеење ќе ги преоптовари здравствените системи ако владите итно не воведат строги диети, предупредуваат автори на досега најобемната студија, спроведена во повеќе од 200 земји и региони. Експертите бараат да се реагира итно за да се спречи „голема трагедија“.
Во 1990 година во светот имало околу 1 милијарда дебели или пополнети луѓе. До 2021 година двојно повеќе, а проекциите за 2050 година се дека претерана тежина ќе имаат 57,4% од мажите и 60,3% од жените. Во Кина ќе ги има 627 милиони, во Индија 450 милиони и во Америка 214 милиони. Во Супсахарска Африка бројот на дебели луѓе ќе се зголеми за 250% на 522 милиони.
Во Британија ситуацијата ќе биде критична - дури 80% од мажите и 74% од жените ќе бидат дебели. Британците ќе бидат трета најдебела нација во развиениот свет, по Американците и Германците.
Уште полошо ќе биде во некои земји од третиот свет. Во категоријата дебели ќе бидат 96% од жителите на Египет и Тонга, и 94% од мажите во Сирија и во Емиратите.
Загрижува забрзаното дебелеење на децата (од 8,8% до 18,1% во зависност од возраста) и на помладите адолесценти (од 9,9% до 20,3%).
Стратегиите за превенција треба да бидат насочени кон деца и адолесценти во голем дел од Европа и Јужна Азија. Обезните популации, особено на девојки, ќе станат доминантни во Северна Америка, Австралија, Северна Африка, Блискиот Исток и Латинска Америка.
Потребни се итни интервенции и третмани за да се спречи бран од сериозни здравствени состојби и финансиски и социјални последици за идните генерации, предупредува докторката Џесика Кер, коавтор на студијата.