Часив Јар се наоѓа на само 10 километри од Бахмут, кој падна во руски раце минатата година после жестока 10-месечна битка.
Последниве месеци, руските сили се фокусираа на заземање на Часив Јар, град кој зазема стратешка локација со висинска предност. Падот на ова гратче со предвоени 13.000 жители ќе ги загрози околните градови и места и ќе ги доведе во опасност критичните украински рути за снабдување со што Русија ќе ја доближи до нејзината прокламирана цел за контрола на целиот Доњецк.
Украинската армија се повлекла откако украинските одбранбени позиции биле уништени, соопшти портпарол на тамошната воена формација, додавајќи дека постоела закана од сериозни жртви доколку војниците останат во областа, бидејќи Русија не оставила „ниту една недопрена зграда“.
Повеќемесечните немилосрдни руски артилериски напади го имаат опустошено Часив Јар, кој целосно е напуштен. Нападите постојано се интензивирале и само последната недела Русија извршила речиси 1.300 напади, исфрлила 130 бомби и извршила 44 копнени напади.
Следува освојување на блиските населби што ќе овозможи напредување кон Краматорск и Славјанск, најголемите градови во оној дел од регионот кој е под контрола на Украина.