Моментално дроновите на фронтот се еднаква закана за тенковите како и минските полиња. И ова важи за тенковите на двете страни.
Процената на Дејвид Екс од Форбс е дека е неизбежно дека Украина ќе изгуби дел од 68-тонските М-1 Абрамс тенкови, кои и покрај тоа што се меѓу најдобро заштитените тенкови на светот не се неуништливи.
Заканата по Абрамсите е што дроновите заради својата подвижност можат многу полесно да ги погодат слабите точки на американските тенкови, отколку тенк или рачен фрлач на гранати.
Како што објаснуваат познавачи кровот на кабината на М-1 е дебел само 25 милиметри а зафаќа голема површина, па дури и дрон вооружен со стар против-тенковски проектил може да го пробие и да го убие или рани екипажот. Слична слабост се и страниците на тенкот кои се покриени со застарена композитна заштита.
Од Форбс наведуваат дека по влегувањето на фронтот британските Челенџери и германските Леопарди добиле дополнително зајакнување и заштита. Процената е дека за Абрамсите најбрзо решение ќе биде поставување на кафезите против дронови кои Украинците веќе ги користат на своите тенкови. Се смета дека додавање на реактивен оклоп на Абрамс значително ќе ја зголеми неговата тежина и ќе го направи неупотреблив во сегашните временски услови, заради што таквата надградба се препорачува да се направи дури на лето кога ќе се исуши теренот во Украина.
Се уште не е познато ни која бригада би управувала со Абрамсите, но претпоставка е дека тоа ќе биде 47-та механизирана бригада која моментално успешно ја брани украинската линија кај Авдивка. Во склопот на оваа бригада веќе има неколку Леопард 2.