Украина со европски пари ќе купува дронови од Кина

Европската Унија го обвинува Пекинг дека со продавањето нафта и индустриска опрема на Русија ја поддржува војната во Украина. Брисел сега му дозволи на Киев со европските пари да купува кинески делови за воените дронови, кои се одговорни за 80% од сите руски жртви на фронтот. Тоа не го смета за поддржување на војната, сè додека гинат непријателски војници.

На Украина ќе ѝ биде дозволено да потроши 5,9 милијарди долари на кинески компоненти за дронови. Тоа е целата прва транша од заемот за одбрана од 60 милијарди долари што го доби од Европската Унија.

Ова е прво скршнување на Брисел од декларираната намера Украинците да ги трошат парите од заемот на европско оружје и муниција и така да вратат со заживување на воената индустрија. Дозволата ги открива празнините на европската одбранбена индустрија, која се уште е зависна од увоз на кинески критични делови.

Брисел скршнува и од својата политичка насока. ЕУ неодамна го обвини Пекинг дека има клучна улога за продолжување на војната во Украина како „клучен снабдувач на воено-индустрискиот комплекс на Русија“. Се покажува дека без кинески делови не може да војуваат ни Украинците.

Почнувајќи од втората година на војната, Украина изгради една од најиновативните одбранбени индустрии во Европа, која се потпира на евтини извидувачки и офанзивни беспилотни летала од домашно производство. Украинските дронови се покажаа поефикасни од европските и целосно ја променија тактиката на бојното поле, па и воената стратегија воопшто. Украинските власти тврдат дека беспилотните летала сега се главното оружје, кое е одговорно за околу 80% од руските жртви на бојното поле.

Но, на фронтот веќе се трошат повеќе дронови отколку што може да обезбедат домашните погони, а ги нема доволно ни на европскиот пазар. Според условите на заемот од ЕУ, оружјето, муницијата и опремата мора да се купуваат од единствениот европски пазар или од одобрени партнери, како што е Канада. Системот е отворен и за други земји ако потпишат договор за безбедносно партнерство со ЕУ, ако придонесат во шемата и обезбедат значителна поддршка за Украина. Британија се приклучи на шемата во понеделникот.

За добавувачите надвор од тие одобрени категории може да се наменат не повеќе од 35% од договорената сума. Притоа купувањето оружје не смее да ги прекршува безбедносните и одбранбените интереси на ЕУ.

Но, дозволени се и исклучоци. Доколку слични производи не можат да се набават од одобрените земји доволно брзо или во количините што им се потребни, Украинците може да побараат дозвола од Брисел да ги купат на друго место.

15 јули 2026 - 11:46