Уапсени новинари и насилни протести поради карикатура во турскиот Шарли Ебдо

Четворица новинари од турското сатирично списание Леман се уапсени поради карикатура на која наводно е прикажан пророкот Мухамед. Главниот уредник попусто се извини и објаснува дека на карикатурата не е прикажан Пророкот, туку жртва на израелско бомбардирање. Полицијата едвај ја запре групата религиозни демонстранти што го нападна седиштето на Леман и повика на „одмазда“.

По налог од истанбулскиот обвинител поради „јавно навредување на религиозните вредности“, полицијата уапсила уредник, графички дизајнер, директор и карикатурист од сатиричното списание Леман. 

Карикатурата или која било форма на визуелно претставување на нашиот пророк не само што им штети на нашите религиозни вредности, туку и на општествениот мир. Неопходните правни чекори ќе бидат преземени без одлагање, забележа министерот за правда на секуларна Турција, Јилмаз Тунч.

Министерот за внатрешни работи Али Јерликаја ја опиша карикатурата како „бесрамна“ и „злонамерна“.

Специјални полициски одреди за сузбивање нереди употребиле солзавец и гумени куршуми за да ја разбијат толпата од околу 250 луѓе која притиснала врз кордоните пред редакцијата на Леман и извикувала „Око за око!“ и „Крв за крв“.

На спорната карикатура се прикажани два лика со ангелски крилја како лебдат над град врз кој паѓаат бомби. Едниот лик вели: „Мир на тебе, јас сум Мухамед“, а другиот одговара „Мир на тебе, јас сум Муса“.

Главниот уредник Тунџај Акгун им се извини на „сите добронамерни читатели што се чувствуваат повредени“, но го брани објавувањето на карикатурата и ги отфрла заклучоците дека на неа е прикажан пророкот. 

Карикатуристот имаше намера да ја прикаже праведноста на угнетениот муслимански народ, прикажувајќи муслиман убиен од Израел. Тој никогаш немаше намера да ги навреди религиозните вредности. Не ја прифаќаме дамката што ни е фрлена, зашто не е прикажан нашиот пророк. Мора да бидете многу злонамерни за да ја толкувате карикатурата на овој начин. Леман никогаш не би презел таков ризик. Мухамед е фиктивно име на муслиман што бил убиен при израелското бомбардирање. Повеќе од 200 милиони луѓе во исламскиот свет се викаат Мухамед, додаде Акгун.

Реакцијата на карикатурата тој ја оцени како загрижувачка и ја спореди со онаа во Париз пред десет години, кога терористи упаднаа во просториите на сатиричниот весник Шарли Ебдо и убија 12 новинари и карикатуристи поради приказ на пророкот Мухамед.

Леман, формиран во 1991 година, се наметна со остра политичка сатира и поради тоа често пати е на удар на конзервативците во Турција. 

******
Види и: 

Важноста да се биде Шарли

Француските медиуми го поддржаа Шарли Ебдо во реобјавувањето на карикатурите на Мухамед

16 најхрабри насловни на Шарли Ебдо

Карикатуристите за Шарли Ебдо

1 јули 2025 - 11:59