Трамп повторно голема ја направи - Кина

Се заокружува првата година од вториот претседателски мандат на Доналд Трамп во која тој со решителни потези, од царини за сојузниците до најава за грабнување на Гренланд, успеа во очите на светот една земја да направи поголема отколку што таа во тие очи беше пред него. Не се работи за Соединетите Американски Држави туку за Кина. 

Во најмала рака чудното сфаќање и спроведување на предизборното ветување за „Америка на прво место“ доведоа до тоа граѓаните на светот да мислат дека голема земја во најголем подем не е Америка туку Кина. Политиките на Трамп го забрзаа овој пресврт, туркајќи го светот во орбитата на Пекинг.

Ова се наодите од најновото глобално истражување на Европскиот совет за надворешни односи (ECFR), во кое биле опфатени 25.949 испитаници од 21 држава.

„Доналд Трамп не влезе во политиката за да ја направи Кина повторно голема но најновата анкета на глобалното јавно мислење сугерира дека во очите на светот го направил токму тоа “, соопшти европскиот тинк-тенк.

Анкетата открива дека мнозинството луѓе во многу големи земји веруваат дека Кина ќе има поголемо глобално влијание во текот на следната деценија, вклучувајќи 54 проценти од Американците, 53 проценти од граѓаните на Европската Унија, 51 процент од Индијците и 72 проценти од Бразилците.

Во меѓувреме, сè помалку луѓе се плашат од подемот на Кина. Само во Јужна Кореја и Украина повеќето луѓе ја опишуваат Кина како противник или ривал. Спротивно на тоа, половина или повеќе од Русите, Јужноафриканците, Бразилците, Турците и Европејците ја сметаат Кина за сојузник или неопходен партнер.

Уделот на испитаниците кои го опишуваат Пекинг како сојузник кој „ги дели нашите интереси и вредности“ се има зголемено во Јужна Африка, Бразил и Индија.

Дополнително, во голем број земји, луѓето очекуваат дека релациите на нивната земја со Кина ќе се продлабочат во следните пет години. Седумдесет и еден процент од Јужноафриканците и 52 проценти од Бразилците предвидуваат вакво сценарио.

Голем дел од луѓето, исто така, предвидуваат дека Кина ќе биде лидер на една голема индустрија: електричните возила. Ова е преовладувачкото мислење во Европската Унија, а во помала мера и во САД.

Во исто време, уделот на испитаниците кои ги опишуваат САД како сојузник се намалил во бројни земји и блокови, вклучувајќи ги Кина, Украина и ЕУ. Во Велика Британија, само 25 проценти ги сметаат САД за сојузник со кој делат интереси и вредности. Во 10 од анкетираните земји од ЕУ тој удел бил само 16 проценти.

19 јануари 2026 - 12:43