Што очекуваат од Алјаска?

Трамп по Нобел, Путин по славата на Петар Велики

Самитот на Доналд Трамп и Владимир Путин во Алјаска веќе е историски чин. Дури ни Реган ни Горбачов немале толку моќ во себе кога договорија крај на глобалната Студена војна. Ако сакаат, никој не може да ги спречи Трамп и Путин во Енкориџ да ја скројат иднината на цела Европа, не само границите на Украина. Важно им е само да добијат нешто што може да го прогласат за „победа“.

Во екот на најголемата војна во Европа по двете светски војни, рускиот претседател Владимир Путин, по кого е распишана меѓународна потерница поради воени злосторства, ќе ги посети САД на територија што е речиси подеднакво далеку од Москва и од Вашингтон, а сепак ги спојува двете земји.

Самиот избор на локацијата е израз за голема чест за гостинот – ќе биде примен во воена база во Енкориџ (единственото место со соодветени безбедносни гаранции) на територијата што ѝ припаѓаше на Русија не толку одамна, кога беше царство. 

Историската димензија на Алјаска и глобалниот геополитички момент го полнат егото на Путин, забележуваат политички аналитичари што се среќавале со најмоќните светски лидери. Тие велат дека и за Путин и за Трамп самитот ќе биде голема претстава на која ќе можат да се надитруваат, со нескриени амбиции да се претстават како миротворци и спасители. 

Трамп, со психолошки профил на фалбаџија, веќе се „изгоре“ кога во предизборната кампања вети дека како претседател ќе може за еден ден да ѝ стави крај на војната во Украина. Сега повторно избрза со изјавата дека „во рок од две минути“ од средбата со Путин точно ќе знае дали ќе може да постигне договор. 

Ќе видам што има на ум. За две минути ќе знам. Можеби ќе му кажам „со среќа“ и тоа ќе биде крајот, им рекол Трамп на новинарите.

Со изолирањето на украинскиот претседател Володимир Зеленски од преговорите, Трамп на себе ја презема целосната одговорност за крајот на војната, ветувајќи им на Украинците дека ќе им го обезбеди најдобриот можен мир. Што и да договори со Путин, како и да ја прекројат Украина, тој ќе настојува да прогласи победа, по која нема да може да го одмине Нобеловата награда за мир.

Дипломати укажуваат дека Трамп е оптоварен од Нобеловата награда од завист кон Барак Обама, кој ја доби само за ветувања и без конкретни дела. 

Како претседател, тој посредуваше во мирот меѓу Азербејџан и Ерменија, Камбоџа и Тајланд, Израел и Иран, Руанда и ДР Конго, Индија и Пакистан, Египет и Етиопија, Србија и Косово, а и со Абрахамските договори, соопшти Белата куќа.

Други велат дека тој во Алјаска бара глобална потврда за својата деловна остроумност.

Во Украина има значајни наоѓалишта на ретки минерали. Таа територија е на масата за прекројување. Трамп сака да извојува победа и точка, вели Ентони Гарденер, поранешен амбасадор во ЕУ во времето на Обама.

Очи во очи со Трамп ќе биде автократ длабоко убеден дека Украина е фикција и смртна закана за неговата земја. Тој во Алјаска ќе настојува да ја зацементира контролата врз териториите што Русија ги освои со војна, но досега не покажал сигнали дека се откажува од идејата цела Украина да биде политички потчинета на Москва - демилитаризирана и без перспектива за во НАТО - како тампон-зона кон Европа, слично на Белорусија.

Во канцеларијата во Кремљ Путин има биста на царицата Катерина Велика, која за време на своето долго владеење двојно ја зголеми територијата на Руското Царство. Поранешниот британски вицепремиер Дејвид Лидингтон вели дека Путин се споредува себеси со Петар Велики, како неприкосновен водач што ќе ѝ ја врати величината на Русија и ќе ја зголеми нејзината територија. 

Претседателот Путин е таинствен и добро подготвен да ги аргументира своите позиции. Не е некој што се спогодува. Дејствува од позиција на моќ, поткован со разузнавачки и безбедносни податоци, но не ги владее вештините на комерцијален преговарач, вели Маргаритис Схинас, поранешен потпретседател на Европската комисија.

Според Боби Мекдона, поранешен ирски амбасадор во Британија, Италија и ЕУ, Путин е „апсолутно предвидлив“.

Тој неуморно и безмилосно ќе ја следи својата многу тесно дефинирана идеја за руските интереси, тврди Мекдона.

Схинас очекува Путин да му наметне на Трамп специфична структура на состанок. 

Тој претпочита состаноци структурирани во два дела: прво, со делегации и преведувачи кои главно служат како публика за да го слушнат неговиот став за одредена тема, обично прошарани со агресивни коментари за оние кои мислат поинаку; потоа, позатворена – обично тет-а-тет – дискусија каде што може да покаже одредена маргина на отвореност, вели Схинас.

Лидингтон додава дека говорејќи за Украина, Путин нема да заборави на стратегиските интереси на Русија.

Путин ќе го држи окото на стратешката награда. Ќе бара можности да го намали економскиот притисок врз Русија и руската економија. Секое олеснување би му дало на Путин значајна победа, вели Лидингтон.

Џон Болтон, поранешен советник за национална безбедност на Трамп, смета дека Путин ќе ги искористи своите вештини од КГБ за да го манипулира американскиот претседател, како што прави уште од почетокот на неговиот втор мандат, дури и пред „катастрофата со Зеленски во Овалната соба.“

Тоа е една од причините зошто Путин навистина таму не ги сакаше Зеленски или Европејците. Тој не сака Трамп да биде расеан со други играчи. Путин ќе се обиде да го натера Трамп повторно да почувствува дека се пријатели. Мислам дека Трамп е разочаран што неговиот пријател, во текот на првите шест месеци од администрацијата, не му помогнал да постигне договор, тврди Болтон. 

Никој не се осмелува да го прогнозира исходот

Се среќаваат за прв пат по години. Со максималистичките барања на Путин и непредвидливоста на Трамп, сè може да се случи, вели сер Џулијан Кинг, последниот европски комесар од Британија.

13 август 2025 - 14:04