Генерал Моторс соопшти дека ќе затвори пет производни локации во Северна Америка, ќе го намали бројот на вработени за 14.000 и ќе престане да ги прави Шевролетите Импала и Круз, моделот Бјуик ЛаКрос и скоро сите други седани.
Очекувано, Трамп ова го доживеа како нож во грб бидејќи оживувањето на домашната автомобилска индустрија беше еден од темелите на неговиот „економски национализам“. Особено е болно што ГМ не затвора ама баш ништо во Мексико и Кина.
„САД го спасија ГМ и ова ни е фала. Сега има да ги скратиме сите субвенции за оваа компанија, сосе оние за електрични автомобили. ГМ последните години стави големи влогови во Кина (и Мексико), ама не сум сигурен дека таа карта ќе им се исплати“, гневно порача Трамп.
А ГМ и другите американски производители на автомобили со време го предупредуваа дека неговите нововоспоставени тарифи за увоз на странски челик и алуминиум нема да се одразат добро врз нивната работа.
ГМ планира двојно да ги зголеми бројките за електрификација и автономно возење а визијата на нивната ЦЕО, Мери Бара, е доста амбициозна и предвидува „нула судири, нула емисии на штетни гасови и нула застој“.
„Јас сум тука да ги штитам работниците!“, порача Трамп а подоцна Белата куќа објасни дека проблемот не е на лична основа туку извира од тоа што ГМ прави коли кои луѓето не сакаат да ги купат.
За отпуштањето работници, Берни Сандерс напиша:
„Оваа година Генерал Моторс има добиено даночни олеснувања од 514 милиони долати како резултат на великодушните потези на Трамп кон богатите. Наместо да ги покачи платите и да додаде нови работни места, компанијата го направи токму спротивното. Ова е скандалозно. Да се разбереме, ГМ не е сиромашна компанија. Таа нема да банкротира. Досега годинава имаат направено профит од 6 милијарди долари. Лани на својот ЦЕО му дадоа 22 милиони отпремнина - 295 пати повеќе отколку просечната годишна плата на вработените. За време на Трамп имаат добиено тендери вредни 600 милиони долари. Таквите тендери треба да одат онаму кај што се отвораат нови работн места а не кај што се укинуваат. Корпоративната лакомост на ГМ ја уништува социјалната плетка на Америка“