Администрацијата на Доналд Трамп повеќе нема да го признава „Наодот за загрозување“ - научен извештај од 2009 година во кој се тврдеше дека шест стакленички гасови се „закана за јавното здравје и за благосостојбата на сегашните и идните генерации“.
Врз основа на овој документ, тогашната влада на Барак Обама го воведе Законот за чист воздух, кој наметна строги ограничувања за загадувањето од автомобилите и енергетските централи.
Претседателот Трамп оваа недела ќе ги преземе најзначајните дерегулаторни мерки во историјата заради понатамошна американска енергетска доминација и намалување на трошоците, изјави портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит.
Конзервативни активисти долго време го оспоруваа наодот, тврдејќи дека се базира на несигурни научни докази. Веднаш по инаугурацијата лани Трамп ѝ нареди на Агенцијата за заштита на животната средина (EPA) да испита дали има основа да се придржува до Наодот за загрозување. ЕПА во јули препорача дека треба да се поништи.
Директорот на Агенцијата, Ли Зелдин ги критикуваше претходните администрации дека „ја злоупотребувале науката за да ги постигнат сопствените политички цели“.
Отфрлањето на Наодот за загрозување и на регулативите што произлегуваат од него би ставило крај на скриени даноци од повеќе од 1.000 милијарди долари врз американските бизниси и семејства, изјави Зелдин.
Тој додава дека укинувањето на регулативите просечно би им заштедило на граѓаните по 2.400 долари за секое возило.
Новото правило, кое треба да биде објавено до крајот на оваа недела, ќе ги отстрани регулаторните барања за мерење, известување, сертифицирање и усогласување со федералните стандарди за емисии на стакленички гасови за моторни возила. Ќе ги укине поврзаните програми за усогласеност, одредбите за кредитирање и обврските за известување за индустриите.
Тоа нема веднаш да се однесува на ограничувањата на емисиите од електраните и другите стационарни извори, како што се нафтените и гасните постројки, но се очекува да овозможи промена на регулативите и во тој сектор.