Харис и Трамп имаат големи несогласувања за моќта на извршната власт, користењето на министерството за правда, пристапот за абортус, еколошките регулативи, даноците, местото на Америка во светот, вклучително и поддршката за Украина.
Меѓутоа, и покрај различната реторика, во суштина се согласуваат за следниве работи:
Посилни граници и построги закони за имиграција: Камала и администрацијата на Бајден во последно време прифатија ограничувања за азил што личат на политиките на Трамп на кои некогаш се спротивставуваа.
Построг став против Кина: И Трамп и Демократите го третираат Пекинг како најголема закана за националната безбедност на 21 век - дури и кога војните на Блискиот Исток и Украина доминираат во вестите.
Зголемување на домашното производство на енергија, вклучително и фракингот: Трамп постојано зборува „drill, baby, drill“ но Камала на дебатата потсети дека производството на нафта и гас достигна рекордно ниво во мандатот на Бајден.
Не претерано регулирање на вештачката интелигенција.
Стимулации за американското производство: Трамп сака да воведе огромни тарифи за да ги принуди компаниите да произведуваат во САД, додека Харис фаворизира даночни кредити како оние во законот за полупроводници и за намалување на инфлацијата.
Поддршка на Израел и неговите војни: Реториката за Газа е поинаква, но, политиките се во голема мера исти: двете страни поддржуваат континуирана воена помош за Израел додека премиерот Бенјамин Нетанјаху ја распалува регионалната војна.
Поголем детски додаток за родителите: Харис - 6.000 долари за новите родители, заменикот на Трамп оперираше со 5.000 долари.
Заштита на ин витро третманите: Трамп се прикажува себеси како шампион за третманите за плодност, дури предложи и бесплатно ин витро за сите жени на кои тоа им е потребно, што предизвика чудење и кај Републиканците.
Против забрана за абортус на федерално ниво: Трамп рече дека ќе стави вето на федерална забрана за абортус доколку таа некогаш помине во Конгресот, обидувајќи се да неутрализира една од неговите најголеми ранливости откако ги назначи судиите на Врховниот суд кои помогнаа да се стави крај на случајот „Ро против Вејд“.
Игнорирање на дефицитот: платформите на двајцата кандидати следната деценија ќе додадат трилиони долари на веќе огромниот фискален дефицит на САД. Плановите на Трамп се нешто поскапи, пишува Аксиос.
Поддршка за социјалното осигурување и здравствената заштита: Трамп вети дека нема да го пипа тој столб на политиката, дури и сугерираше план за намалување на даноците за социјално осигурување за постарите лица.
Нема данок на бакшиши.