Путин нема да преговара:

Трамп го прегази „чесниот збор“ за Украина

Русија повеќе не е подготвена да ѝ врати на Украина дел од окупираните територии, како што било договорено на самитот на претседателите Трамп и Путин лани во Алјаска. Откако Трамп почна да ги поддржа украинските напади со дронови длабоко во Русија, Москва е решена со копнена офанзива самата да ги заземе териториите што било договорено да ѝ припаднат.

Претседателот Путин нема да прифати да преговара за крај на војната во Украина сè додека руските трупи не воспостават контрола врз целиот регион Доњецк, тврдат извори на Блумберг. Нема да ги повлече ни силите од окупираните територијални џебови на североистокот на Украина, туку ќе ги задржи како трајни тампон-зони за да спречат евентуални воени продори на руска територија, како оној кон Курск во 2024 година.

Причината поради која Путин го променил ставот е нагласената поддршка од американски функционери за новата украинска тактика на напади со дронови кои оштетија рафинерии за нафта и предизвикаа недостиг на гориво низ целата земја. Трамп, исто така, го поддржа новиот закон за санкции, предложен од покојниот сенатор Линдзи Греам, кој предвидува воведување царини од дури 100% за петте најголеми купувачи на руска нафта и гас.

По овие изјави, Москва смета дека неофицијалните договори постигнати по минатогодишниот самит меѓу Трамп и Путин на Алјаска се практично мртви.

Иако САД инсистираат дека на самитот минатиот август не бил постигнат договор за крај на војната и територијални прекројувања, претставници на Кремљ тврдат дека Трамп и Путин договориле пакет обврски познати како „Духот на Енкориџ“. Тие вклучувале Трамп да ја притисне Украина да се повлече од целата територија на Доњецк, на што Русија би одговорила со повлекување на своите сили од околината на северниот регион Суми и североисточниот регион Харков.

Самитот во Енкориџ беше досега најсериозниот дипломатски обид за крај на војната. Сепак, Путин ја напушти Алјаска без да се согласи на прекин на огнот што би овозможил мировни преговори, а Трамп изјави дека постигнувањето договор ќе зависи од украинскиот претседател Володимир Зеленски. Разговорите помеѓу Вашингтон и Москва се во застој од февруари, бидејќи администрацијата на Трамп се фокусираше на војната со Иран.

Русија во изминатите недели ја засили офанзивата во Украина. Во фокусот е Костантинивка – стратешки логистички центар чие заземање би отворило пат кон главните украински одбранбени упоришта Краматорск и Славјанск. Според изворите на Блумберг, Министерството за одбрана го уверува Путин дека руските сили можат да воспостават целосна контрола врз Доњецк до крајот на оваа година. Други оценуваат дека тој временски рок не е реален, но дека е можно воената цел да се оствари во текот на идната година.

Самитот на АСЕАН на Филипините, на кој учествуваат шефовите на дипломатиите Марко Рубио и Сергеј Лавров е можност за обновување на мировната иницијатива од Енкориџ. Појдовната точка на Рубио е дека „на Алјаска имало предлог, но немало договор“.

Да имаше договор, војната ќе беше завршена, изјави Рубио пред еден месец.

Веќе следниот ден Лавров објасни дека Путин на самитот одговорил на предлозите што претходно во Москва му ги претставил специјалниот пратеник Стив Виткоф.

Ако едната страна, а тоа се САД, ги изнесе своите предлози за спогодба за решавање на кризата, а другата страна изрази согласност, тоа значи дека е постигнат договор, изјави Лавров.

22 јули 2026 - 16:12