Многумина од критичарите го обвинија Брег за политичка пристрасност, врз основа на неговата некогашна реторика, кога најавуваше дека има намера да тргне по Трамп уште додека се кандидираше за обвинител.
Особено скокотливи се обвинувањата за неговите финансиски релации со мегадонаторот на Демократската партија, Џорџ Сорос кој со Трамп се амблеми за две различни Америки.
Во мај 2021 година, прогресивниот политички комитет „Боја на промената“ го поддржа Брег и најави 1 милион долари за помош на неговата кампања. Само неколку дена подоцна, Сорос направи придонес од 1 милион долари за истиот тој комитет. Подоцна комитетот потроши околу 500.000 долари за кампањата на Брег, наместо целиот милион што го вети.
Некои медиуми се обидуваат да го заштитат Брег од оваа линија на напади. Бен Колинс од NBC, на пример, проба да го дистанцира обвинителот од Сорос со фактот дека тие двајца лично никогаш се немаат видено. Факт-чекерите на Њујорк Тајмс и УСА Тудеј заклучија дека оваа врска е предимензионирана и погрешно толкувана, наведувајќи ја вообичаената одбрана дека Сорос во минатото честопати бил мета на теории на заговор.
Републиканецот Мит Ромни кој ич не го може Трамп и упорно повторува дека човек со таков карактер не е соодветен избор за прв човек на Белата куќа, сепак процени дека обвиненијата на Брег против Трамп се изнасилени, со единствена цел, да се вклопат во една политичка агенда.