Трамп ги отвори секташките рани на Блискиот Исток

Доналд Трамп неодговорно си поигрува на Блискиот Исток со сили кои не ги разбира, што може да доведе до катастрофални последици. Ги разгоре длабоките секташки тензии вкоренети во Либан, Сирија и Ирак, па сè до Јемен и Бахреин на другиот брег на Заливот. Нови граѓански војни ќе испратат нов бран бегалци кон Јордан и Турција, а потоа и кон Европа.

Откако Трамп го отпушти Нејт Свонсон – еден од ретките функционери во неговата администрација кои длабоко ја разбираа ситуацијата во Иран и шиитската политика – Белата куќа воведе низа политики што отвораат пат кон ново распаѓање. Трамп му остави на новиот сириски претседател – и поранешен командант на Ал Каеда – Ахмед ал-Шара да се справи со Хезболах. Во исто време инсистира на разоружување на шиитските фракции што помогнаа во војната против ИСИС во Ирак, додека ги игнорира реалните причини поради кои сакаат да останат вооружени.

Истакнатиот експерт за Сирија, Џошуа Ландис, овој процес го нарекува „Големо преуредување“ – насилно распаѓање на поредокот со кој во новоформираните држави низ Левант по Првата светска војна беа распоредени сунитски транснационални племиња, енклави на аврамски и неаврамски верски малцинства и етнонационалистички групи без сопствена држава. 

Периодот на насилни секташки судири што уследи по американската инвазија на Ирак и го достигна својот врв со подемот на групата Исламска држава пред повеќе од една деценија, можеби изгледа далечен од перспективата на Вашингтон, но на Блискиот Исток раните се сè уште свежи.

Во Сирија, откако бунтовниците на Шараа го соборија режимот на Башар ал Асад, беа извршени масакри врз повеќе од 1.400 Алавити, а потоа и врз Друзи.

Пред да ги повлече своите последни војници од Ирак на 30 септември, Вашингтон вршеше притисок врз премиерот Али ал-Заиди, кој самиот е шиит, да ги разоружа проиранските шиитски милиции. Тие одбија. Тврдат дека ако ги напуштат илјадниците позиции што ги држат низ целата земја безбедноста на Ирак „би колабирала за миг“ од заканите од Турција на северот, постојаната закана од Исламска држава, како и од сириските владини сили под команда на Шара.

Ситуацијата е уште поексплозивна во Либан, каде што политичката моќ е формално поделена меѓу 18 признати верски заедници. Движењето Хезболах – кое не одговара пред никого – управува со паралелна власт на само неколку километри од центарот на Бејрут. Евентуалната интервенција на силите на Шара против Хезболах, која ја бара Трамп, би го вратила Либан во општа граѓанска војна. 

Од другата страна на Заливот, сунитската монархија во Бахреин воведе нови ограничувања за верските обреди на шиитите, кои се мнозинство во земјата. Кувајт одзеде илјадници државјанства и покрена постапки против лица обвинети за „поттикнување секташки раздор“. Повторно се разгоре граѓанската војна во Јемен, по четиригодишното примирје меѓу хутите и владата поддржана од Саудиска Арабија.

Последиците од уште еден секташки конфликт најпрво би ги погодиле луѓето кои имаат најмала контрола врз случувањата. Шиитските цивили повторно би ризикувале да бидат третирани како ирански експоненти, сунитите како џихадисти или сојузници на земјите од Заливот, а Алавитите како продолжена рака на паднатиот режим на Асад. Помалите заедници како Јазидите, христијаните и Друзите би се нашле во вкрстен оган меѓу поголемите вооружени табори.

Пожарот веќе е разгорен. Во првите недели од најновата регионална војна, околу 1 милион луѓе ги напуштија своите домови во Либан. Според Агенцијата на ОН за бегалци, само во март повеќе од 200.000 луѓе преминале во Сирија. Уште еден бран на насилство низ Ирак, Сирија и Либан би значел повеќе масовни гробници, повеќе простор за ИСИС и други опортунистички екстремисти, како и нов бран бегалци кон Јордан и Турција, а на крајот и кон Европа.

9 октомври 2026 - 10:22