"Неговата мешавина на нативизам и протекционизам се покажа како добитна формула за крајно десничарските партии низ целиот континент. Подемот на Трамп потсетува на Жан-Мари Ле Пен, кој ги шокираше француските медиуми и политичката класа кога во 2002-ра успеа да влезе во втората рунда од претседателските избори," пишува Стефан Харис во текстот за Бизнисвик.
Поранешниот падобранец, кој се сомневаше во историската важност на Холокаустот, уште од почеток беше отпишан како премногу невоспитан и премногу расист. Ваквиот став на експертите сосема држеше вода се додека не почнаа да се бројат гласачките ливчиња, по што во вториот круг влегоа двајца кандидати, од кои едниот беше отпишаниот Ле Пен. Нормално Ле Пен изгуби, ама неговото движење доби на моќ и гласови.
Подемот на Евро-Трамповите се должи на долгата економска стагнација која следи по финансиската криза во 2008-ма, па "европските верзии на Трамп ја собираат поддршката од губитниците во глобализацијата - работничката класа која се чувствува притисната меѓу елитата која не е заинтересирана за нивните интереси и растечката класа на имигранти за кои се загрижени дека имаат поинакви вредности."
"Ова се луѓе кои чувствуваат дека либералната демократија ги изневерила. Тие се чувствуваат напуштено, и се подготвени да бараат и поинакви опции," објаснува професорот по политички науки од Универзитетот во Бризбејн, Данкан Мекдонел.
Како примери за европски копии на Трамп, се Северната Лига во Италија (чиј лидер во Сенатот ја спореди првата црна министерска во земјата со орангутан), партијата на Финците во Финска, австриската Партија на слободата, грчката Златна зора, Народната партија во Данска, Партијата за независност на Британија, швајцарската Народна партија, "сите овие ги преточуваат огновите на ксенофобијата во изборен успех."
Иако на прв поглед Трамп најмногу потсетува на Берлускони, ова повеќе се однесува на неговата презентација, бидејќи идеолошки Берлускони е далеку постабилен и поконкретен. Процената е дека по тоа каде е сместен во политичкиот спектар, Трамп многу повеќе потсетува на Герт Вилдерс, холандскиот парламентарец кој изгради кариера од напаѓање мигранти, со посебна специјалност на муслимани. "Стратегијата на Трамп е идентична со онаа на Вилдерс. Тој никогаш не се повлекува. Никогаш не се извинува. Новинарите им даваат толкав простор бидејќи би сакале да ги уништат," објаснува биографот на Вилдерс, Меиндерт Фенема.
"И сепак, лекцијата за Американците од преку Атлантикот е јасна. Дури и ако Трамп не победи во ноември, политичката идеологија што тој ја рашири - или ја промовираше - е малку веројатно дека ќе исчезне по пребројувањето на гласовите. Ако, од сите места, нациите во Европа немаат развиено анти-тела за радикалната десница, ниту една држава не може да очекува да биде имуна. Во случај да не успее кандидатурата на Трамп, тешко е да се замисли дека тој со децении ќе ја продолжи својата кампања, чекајќи уште една шанса. Меѓутоа неговото гласачко тело ќе остане тука," пишува Харис.