Трамп доби имунитет од даночни проверки

Министерството за правда на САД му одобри на Доналд Трамп целосен имунитет од даночни проверки за него лично, за неговите бизниси и за неговото семејство. Оваа наредба тивко е додадена на спогодбата со која Трамп се согласи да ја повлече тужбата против Даночната служба, а за возврат доби 1,8 милијарди долари за фонд за „жртвите на администрацијата на Бајден“.

Во документ на една страница од Министерството за правда пишува (со големи букви) дека на властите „ЗАСЕКОГАШ ќе им биде ЗАБРАНЕТО“ и дека ќе бидат „СПРЕЧЕНИ“ да покренат истраги и даночни проверки насочени против Трамп, членови на неговото семејство и неговите бизниси.

Документот со само три члена, потпишан од вршителот на должноста главен обвинител Тод Бланш, беше објавен тивко, без соопштение за јавност и без информирање на медиумите.

Тој е дополнение на спогодбата на Трамп за вонсудско решавање на неговата тужба против Службата за внатрешни приходи (IRS). Трамп бараше отштета од 10 милијарди долари затоа што IRS дозволил да протечат до медиуми негови даночни информации за периодот од 2018 до 2020 година.

Во спогодбата беше договорено формирање на фонд од 1,776 милијарди долари, наменет за обесштетување на „жртвите на политичкиот прогон“ од поранешната администрација на Џо Бајден. Право на исплати од фондот главно ќе имаат учесниците во нападот врз Капитол хил на 6 јануари 2021 година, кои беа помилувани со извршна наредба на Трамп на првиот ден од неговото враќање во Белата куќа.

Ричард Пеинтер, главен адвокат за етика во Белата куќа во времето на поранешниот претседател Џорџ В. Буш, оцени дека ослободувањето на Трамп од какви било даночни обврски би било неуставно.

Ако претседателот или неговото семејство ѝ должат пари на IRS, ова е прекршување на клаузулата за домашни приходи од Уставот на САД, која конкретно вели дека претседателот не може да остварува никаква добивка или привилегии, освен неговата плата што ја доделува Конгресот, изјави Пеинтер за Ал Џезира.

Натан Голдман, професор по сметководство и даноци на Државниот универзитет во Северна Каролина, го нарече потегот „без преседан“.

Ова ги прави Трамп и неговото семејство различни од сите други даночни обврзници во САД кои, доколку не платат даноци правилно може да бидат предмет на ревизија, казна и потенцијална затворска казна, вели Голдман.

Критики има и за „фондот за жртвите“ со сомневања дека ќе се користи како награда за политичките сојузници на Трамп. Одлуките за распределба на парите ќе ги носи комисија од пет члена, од кои четворица ќе бидат директно назначени од главниот обвинител Бланш, а Трамп ќе има право на вето.

******
Види и: Трамп формира фонд за бунтовниците од 6 јануари 2021

20 мај 2026 - 10:18