
Поранешниот британски премиер Тони Блер преку својот институт ТБИ веќе објави план каква треба да биде привремената управа на Газа во чувствителниот период откако Хамас ќе биде соборен од власт, а пред да биде воспоставена нова палестинска самоуправа. Придржувањето до овој план тој го поставува како услов за да ја прифати позицијата.
Блер веќе обезбедил поддршка од влијателни личности од тесниот круг околу Доналд Трамп – од неговиот зет Џаред Кушнер и од Стив Виткоф. Првиот беше поранешен, а вториот е актуелен специјален претставник на САД за Блискиот Исток. Тие при крајот на август го известиле Трамп за иницијативата на Блер, а претседателот им ја претставил идејата на лидерите на Турција, Пакистан, Индонезија и пет арапски земји, на маргините на Генералното собрание на ОН.
Така можеби можеме да ја завршиме војната веднаш, наводно им порачал Трамп, според анонимни извори на „Економист“.
Блер по заминувањето од Даунинг 10 во 2015 година беше специјален пратеник на Квартетот за Блискиот Исток, тело составено од ОН, САД, ЕУ и Русија, за посредување во мировниот процес меѓу Израел и Палестина. Откако во октомври 2023 година избувна досега најкрвавата и најдолга војна, сер Тони работел на план за завршување на војната, познат како „денот потоа“.
Неговиот план, кој постојано се ажурира и ревидира, не вклучува раселување на жителите на Газа, туку создавање Меѓународна преодна власт во Газа (ГИТА). Основана од Обединетите нации кога ќе заврши војната, ГИТА би управувала со Појасот неколку години пред да ја предаде власта на Палестинската самоуправа, која во меѓувреме би направила темелни реформи.
ГИТА би била „врховен политички и правен орган за Газа за време на преодниот период“, според „Тајмс оф Израел“. Во одборот ќе има барем еден палестински претставник, како и високи претставници на ОН, меѓународни личности со деловно искуство и силна застапеност на муслимански членови. Би била моделирана слично на меѓународните администрации воспоставени за време на транзициите на Косово и на Источен Тимор. За можно седиште се спомнува египетскиот пограничен град Ел Ариш.
Палестинскиот претседател Махмуд Абас вчера пред ОН изјави дека неговата администрација е подготвена да ја преземе контролата врз управувањето и безбедноста во Газа и инсистира дека Хамас нема да има никаква улога кога ќе заврши војната.
Трамп му дал на Блер рок од две недели да обезбеди регионална поддршка за планот. Особено бил заинтересиран да се обезбеди поддршка од Саудиска Арабија, како „клучна земја за спроведување на кој било повоен план“. Саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман инсистира на создавање палестинска држава, што израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху категорично го отфрла.
Под притисок од арапските лидери, Трамп вчера објави дека нема да му дозволи на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху да го анектира Западниот Брег.
Нема да го дозволам тоа. Тоа нема да се случи. Доста беше. Време е да се запре сега, изјави Трамп, реагирајќи на заканата од Нетанјаху дека Израел ќе ја присвои палестинската територија во целост или само окупираниот дел, за да спречи создавање палестинска држава.
Ова ќе биде главната тема на средбата на Трамп со Нетанјаху идната недела во Вашингтон.
******
Види и: И Блер вмешал прсти во Ривиерата на Трамп во Газа