Тешките лекции од летната офанзива

Напредокот што Украина го има деновиве не е ни од блиску напредокот кој беше очекуван да го има пред почетокот на контраофанзивата. Од една страна украинскиот успех на фронтот никако не е за потценување, од друга страна тој е крајно занемарлив во однос на западните предвидувања и очекувања.

Фајненшл тајмс пишува дека слабите резултати почнуваат да откриваат проблеми меѓу Киев и Западот.

Американски функционери се жалат дека Украинците за време на обуката не успеале да ги совладаат современите операции за комбинирање на механизирана пешадија, артилерија и ПВО, и биле премногу претпазливи во својот пристап. Додека Украинците порачуваат дека американската војска до сега се нема борено на фронт како украинскиот (од Втора светска војна навака се борат само против герила борци или армии пред колапс) и тоа без трошка воздушна доминација и против напредна и опремена војска како руската.

„Покажи ми барем еден офицер или наредник на американската армија што има испукано, на пример, 5.000 или 7.000 гранати со ова (хаубица М777),“ порачува еден украински артилериски командант во разговор со ФТ.

Кога првиот човек на американската војска, генерал Марк Мајли, изјавува дека украинската контраофанзива има рок уште еден месец до шест седмици да постигне нешто, украинските функционери нервозно објаснуваат дека борбите се во јужна Украина каде есента е релативно сува и зимите не се толку студени, заради што не треба да постои сомнеж во продолженото траење на нивните операции.

„Сепак и покрај пркосот и повремената зајадливост, кај украинските функционери се повеќе постои свесност дека ова ќе биде бавна војна. Прашањето е дали западните поддржувачи на Украина, кои одвоија сериозно од своите воени залихи, се подготвени на долг рок да и дадат поддршка и муниција на земјата,“ пишуваат Кристофер Милер и Бен Хол во текстот за Фајненшл тајмс.

Двете страни на сојузот и по година и пол војна и понатаму се судираат околу тоа која е правилната тактика за украинската армија. Додека западот инсистира на успешноста на НАТО тактиката за комбинирано војување, на терен Украина главните успеси ги бележи користејќи советска тактика на трошење на непријателот, која е страшно спора но учинковита.

За да продолжи со оваа тактика на Украина и е неопходно обилно снабдување со муниција од Западот, за да ја смени, пак, и треба од Западот да почне да пристигнуваат авиони кои би овозможиле каква-таква воздушна рамнотежа.

Воените аналитичари Мајк Кофман и Роб Ли во својот извештај препорачуваат Украина да ги научи лекциите од годинешната контраофанзива и тоа да го употреби во следните години, од друга страна го повикуваат Западот „да признае дека нивните недостатоци во обучувањето и опремувањето на украинските сили придонеле до разочарувачкиот напредок.“

Кофман и Ли сметаат дека начинот на кој Украинците ја водат офанзивата (по советската тактика) одлично одговара на оваа војна, посебно фалејќи ги успесите што ги постигнуваат малите тимови. Тоа што според нив е проблем е што тие не можат добро да извршат операција над ниво на вод (од 20 до 50 луѓе) која треба да биде клучна во случај на пробивање на руската одбрана.

Според нив една од главните лекции до сега е дека западната обука на Украинците, која обично трае по 5 недели, е премногу кратка и не е адаптирана на украинскиот начин на борба и состојбата на теренот, кој е преплавен со мински полиња и утврдувања, и се случува без постојан надзор на дронови кои се сеприсутни на фронтот.

„Ако правев само тоа што ме научија западните војски, ќе бев мртов до сега,“ изјавува командант на украинските специјални сили по име Сулејман, според кого имало добри совети од западните инструктори, но и лоши совети „пример, за чистење на ровови... им реков, момци вака ќе загинеме.“

Анализа на РУСИ која следи 2-неделна операција за освојување на две села на југот заклучува дека начинот на борба на Украинците покажал дека е неопходно многу повеќе колективен тренинг, за да можат подобро да се организираат големи операции на ниво на бригада. Тие забележуваат и дека НАТО вооружувањето значително им помогнало на Украинците во уништување на руската артилерија, но таа предност ќе остане само ако западните сојузници го зголемат производството и снабдувањето со артилериска муниција.

„Последно, сите аналитичари забележуваат, дека руските сили продолжуваат да учат од својот непријател и се адаптираат на неговата тактика, без разлика дали тоа е преку разбивање на нивните линии за снабдување, поголема употреба на дронови или одбрана на украинските напади,“ пишува Фајненшл тајмс.

Околу употребата на дронови, РУСИ проценува дека Украина месечно троши над 10.000 дронови.

За во иднина најголемите надежи на Украина се во тоа дека САД ќе се сложи да им испрати АТАЦМС проектили со домет од 300 километри, и дека следната година конечно ќе стигнат Ф-16ките.

18 септември 2023 - 14:17