Тероризам е тероризам, профит е профит

Ирските телефонски оператори одбиле да ја блокираат мобилната мрежа за да ги спречат терористите од ИРА што активирале бомби со телефонски повик, откриваат новообјавените документи. Операторите се ваделе дека нема законска рамка за гаснење на сигналот за сите корисници и барале државата целосно да им ги надомести загубите.

Ирската републиканска армија своевремено активираше импровизирани бомби во Северна Ирска и Британија со телефонски повик или со испраќање СМС-порака до уред поставен како далечински детонатор на експлозивот.

Активирањето може да се спречи ако операторот ја исклучи од мрежата специфичната картичка поставена во бомбата, но тоа е невозможно, освен ако некој не им го дојави на службите за безбедност точниот број на картичката. Алтернативниот систем е да се исклучи целиот регион каде што е поставена експлозивната направа. 

Кога мобилната телефонија се прошири во почетокот на овој век, полицијата добила овластување да ги истражи новите техники за активирање бомби. Службите во Англија и Северна Ирска ја воспоставиле програмата „Амбер“, со која на британските оператори им се налагало привремено да исклучат критични региони од мрежата. Но, терористите од ИРА се потпирале на сигналите од операторите во Ирска, кои ја покривале територијата. 

Новообјавени доверливи досиеја Националниот архив на Ирска од јануари 2005 година потврдуваат дека службите во Лондон и во Даблин биле во контакт. Британски оператори биле подготвени да учествуваат во почетните практични вежби за прекин на услугите без финансиско обештетување, но ирските даватели на телекомуникациски услуги одбиле таква интервенција. Истакнале дека тоа можат да го направат само ако биде усвоен соодветен закон и ако државата плати за новата технологија, пишува во документот.

Нема да дозволиме развој на капацитет за спроведување на техниките од програмата Амбер без да добиеме целосен надомест од страна на државата, порачал еден оператор, подоцна идентификуван како Водафон.

И ирскиот државен обвинител во 2005 година ја советувал владата дека мора да усвои специфични закони за да ги обврзе операторите да ја спроведат програмата Амбер.

2 јануари 2026 - 12:31