Барнет работи 32 години во Боинг од кои меѓу 2010 и 2017 работи како менаџер за квалитет во фабриката во Северен Чарлстон, во која се произведува 787 Дримлајнер. Токму овој модел е предмет на повеќе протекувања од вработени од компанијата.
Во 2019 Барнет за Би-би-си изјавува дека открил сериозни проблеми со системите за кислород што се инсталираат во авионот. Боинг потврди дека дел од кислородниот боци што ги добива биле со проблем меѓутоа ниту една од нив не била инсталирана.
Барнет обвинува и дека делови кои биле под стандардите пропишани од компанијата кои требало да бидат фрлени се искористени во производството на авиони за да се избегне доцнење во производството. Тој изјавил и дека верува дека „притисокот да се изградат нови авиони значело забрзан процес на работа во кој се компромитира безбедноста на патниците.“ Барнет за Би-би-си тврди дека за ова ги известил и своите претпоставени но тие ништо не преземале.
Си-би-ес пишува дека панел експерти неодамна ја критикува безбедносната култура во Боинг, и пред федералните власти за авијација изјавуваат дека постои „дисконектираност“ меѓу високото раководство на Боинг и вработените, и страв од одмазда.
Барнет бил во Јужна Каролина за да даде формално сведочење во тужбата што ја има поднесено против Боинг. Тој требало да се појави пред суд во сабота за сведочењето, но никогаш не стигнал таму.
Барнет е најден мртов во својот пикап на паркингот од хотелот во кој престојувал.
„Џон беше сред сведочење во неговиот случај против Боинг, кој конечно се приближуваше кон крајот. Тој беше во многу добро расположение и едвај чекаше да заврши со сето ова и да продолжи понатаму. Не видовме никаква индикација дека тој ќе си го одземе животот. Никому не му се верува,“ изјавиле адвокатите што го застапувале Барнет.