Врховниот суд на Панама пресуди дека компанијата CK Hutchison, регистрирана во Хонг Конг, ги прекршила одредбите од договорот за управување со терминалите на влезовите на Панамскиот канал. Концесијата практично овозможува диктирање на мерките за контрола на целиот бродски транспорт помеѓу Тихиот и Атлантскиот океан.
Судот објасни дека концесионерот го прекршил Уставот на Панама и предизвикал штета од 1,3 милијарди долари. Тужбата беше поднесена од владата на Панама, под притисок од администрацијата на Трамп. По судската одлука, со терминалите ќе управува данската бродска компанија Маерск, сè додека Панама не објави нова понуда за концесија.
Ова не е само огромна победа за даночните обврзници на Панама, туку е и голема победа за Америка и секако за претседателот Трамп, изјавил за Аксиос висок панамски функционер.
Уште пред да го почне вториот претседателски мандат, Трамп истакна дека контролата врз Панамскиот канал и врз Гренланд се од суштинска важност за безбедноста на САД.

За Вашингтон беше неприфатливо компанија блиска до Пекинг да управува со стратегиската точка низ која поминува 5-6% од глобалната трговија. Над 70% од товарот на бродовите што поминуваат низ каналот потекнува или е наменет за САД.
Кина го управува Панамскиот канал. Ние не ѝ го дадовме на Кина. Ѝ го дадовме на Панама и ќе го земаме назад, изјави Трамп лани.
Утре ќе се наврши точно една година откако Марко Рубио ја посети Панама, што му беше прво официјално патување откако стана државен секретар. Под негов притисок, CK Hutchison се согласи да го продаде управувањето со Панамскиот канал на американската инвестициска фирма БлекРок како дел од договор од 22,8 милијарди долари.
Во јули БлекРок објави дека во договорот ќе вклучи „голем стратешки инвеститор“ - за кој се прочу дека е кинеската бродска фирма Коско. Вашингтон се спротивстави. Два дена по објавата на БлекРок за Коско, панамските власти ја поднесоа тужбата против CK Hutchison за прекршување на одредбите од концесијата.