Суд ги блокира тарифите на Трамп

Федерален суд во Њујорк ги блокира тарифите што Трамп на 2 април ги воведе за речиси сите земји во светот. Немал право да го прогласи трговскиот дефицит за вонредна состојба. Додека не се произнесе Врховниот суд ќе висат царините што ја нарушија глобалната трговија, ги потресоа финансиските пазари, принудија земји да се пазарат и компании итно да прекројуваат планови.

Тројцата судии од Судот за меѓународна трговија пресудија дека Трамп ги пречекорил своите овластувања кога се повикал на Меѓународниот закон за економски овластувања за вонредни состојби IEEPA од 1977 година за да прогласи национална вонредна состојба и да ги оправда огромните царини.

Судот пресуди дека Трамп немал право да го прогласи трговскиот дефицит како вонредна состојба, бидејќи ситуацијата била таква 49 години по ред и во добри и во лоши времиња.

Судот има јурисдикција над граѓански случаи кои вклучуваат трговија. Пресудите може да се обжалат до Апелациски и до Врховен суд. 

На 2 април, Трамп воведе реципрочни царини до 50% за земјите со кои САД имаат трговски дефицит и 10% основни царини за речиси сите останати. Тој подоцна ги суспендираше реципрочните тарифи на 90 дена за да им даде време на земјите да ги намалат бариерите за американскиот извоз, но ги задржа основните тарифи.

За да дејствува без одобрение од Конгресот, тој го прогласи долготрајниот трговски дефицит на САД за „национална вонредна состојба“. Кога во февруари воведе тарифи за Канада, Мексико и Кина, вонредна состојба беше прогласена поради нелегалниот проток на имигранти и дрога преку границата.

Венди Катлер, поранешен трговски функционер на САД, вели дека одлуката на судот ќе создаде уште поголем хаос.

Земјите што  напорно преговараат за време на 90-дневниот период на пауза на тарифите ќе бидат во искушение да се откажат од дополнителни отстапки додека не се разјасни ситуацијата, вели Катлер.

Компаниите ќе мора повторно по итна постапка да ги преиспитаат синџирите на снабдување и да проценуваат дали блокадата можеби ќе биде отфрлена пред повисок суд. 

Судот забележа дека Трамп го задржува овластувањето да наметнува тарифи за решавање на трговските дефицити врз основа на Законот за трговија од 1974 година. Но, тој закон ги ограничува тарифите на 15% и само за 150 дена со земјите со кои САД имаат голем трговски дефицит.

29 мај 2025 - 06:10