Претседателот на Франција е мој пријател, кој и да е тој, изјави пред неколку месеци германскиот канцелар Фридрих Мерц.
Новиот пријател на Мерц, според анкетите, од идната година може да биде Марин Ле Пен, лидерката на десничарите која се противи на европската интеграција, испраќањето помош на Украина и на реформите за средување на јавните финансии на Франција.
Политиката „Франција на прво место“ командувана од Елисејската палата би го израдувала Доналд Трамп. Иако ја напушти идејата за раздружување од ЕУ, Ле Пен ќе го потресе европскиот проект со судири за понатамошната експанзија, буџетските трошоци, слободната трговија и безбедноста. Нејзината победа исто така ќе ги зајакне и другите десничарски партии низ Европа, вклучувајќи ја и Алтернатива за Германија, која со месеци има највисок рејтинг во земјата и врши притисок врз кревката коалиција на канцеларот Мерц.
Сè поголемиот недостиг на доверба е штетен за односот меѓу двете локомотиви на ЕУ, кои заедно сочинуваат речиси половина од бруто-домашниот производ на еврозоната.
Кога почнаа разговорите за изградба на европски систем за нуклеарно одвраќање, Јенс Шпан, тогашниот шеф на пратеничката група на владејачката ЦДУ, изјави дека Германија не би сакала да зависи од нуклеарен чадор што е во рацете на Ле Пен или Најџел Фараж – потенцијалните лидери на двете европски земји со нуклеарен арсенал.

Германците го напуштија заедничкиот проект за француско-германскиот борбен авион FCAS. Продажбата на германски стартап за ВИ на канадската компанија Cohere за 20 милијарди долари беше претставен како „диверзификација и намалување на зависноста од Франција“.
Одредена доза на француско-германска конкуренција е позитивна работа, но постои растечки ризик од нешто што би било заемно деструктивно, предупреди неодамна поранешниот вицеканцелар Јошка Фишер.
Претседателот на Ербас, Рене Оберман, ги повика Париз и Берлин да го запрат „индустрискиот национализам“ во одбранбениот сектор и да се фокусираат на долгорочни стратегии за одговор на подемот на Кина.
Она што ѝ штети на Франција, всушност ја мачи и Германија – слабите економии кои ја поттикнуваат поддршката за екстремната десница, не само поради имиграцијата. Силата на АфД е симптом на структурните проблеми на Германија по децениите на зависност – не од Франција, туку од кинескиот извоз, руските енергенси и американската безбедност.
Стравот од можноста Ле Пен да стане претседател е разбирлив. Но, контрапродуктивно е да се градат заштитни бариери. Франција е на второто место, веднаш зад САД, во однос на германскиот извоз. Париз и Берлин треба да го искористат ова како поттик за заедничка работа на економскиот раст, додека нивните лидери сè уште се пријатели, истакнува Јан Вернерт од Институтот „Жак Делор“.