
Властите во Виена веќе одобриле депортација на 32-годишен маж од Сирија, кој добил азил во Австрија во 2014 година, но заштитата како бегалец му била одземена во 2019 година поради кривична пресуда.
Постигнат е договор со новите сириски власти за да го прифатат. Се чека само да биде отворен воздушниот простор над Иран, кој беше затворен поради војната со Израел.
По 2015 година во европските земји азил побарале 1,68 милион сириски државјани. Најмногу во Германија, откако поранешната канцеларка Ангела Меркел широко ги отвори портите. Заклучно со овој период лани, најмногу сириски бегалци во Европа имало во Германија, повеќе од 620.000. Во Шведска ги имало 98.000, а во Австрија 65.000.
За време на граѓанската војна во Сирија не беше возможно депортирање на бегалци, дури ни на оние што го злоупотребиле азилот и биле осудени за криминал.
Откако на почетокот на декември минатата година беше соборен претседателот Башар ал Асад, 17 европски земји го укинаа или го замрзнаа одобрувањето на азил за апликантите од Сирија. Австрија беше меѓу првите земји што оценија дека Сирија сега е безбедна за оние што побегнале од поранешниот режим.
Групи за човекови права тврдат дека сè уште е рано да им се одзема бегалскиот статус на Сиријците и се спротивставуваат на присилни депортации.
Сè уште има напади врз луѓе и немаме поим во која насока ќе тргне Сирија, изјави Руксандра Стајку, правната застапничка на Сириецот од Австрија.
Таа тврди дека неговата депортација ќе биде прекршување на Европската конвенција за човекови права, која штити од мачење и нехуман третман.