Спејсикс ќе ги враќа астронаутите што Боинг ги заглави во вселената

НАСА ќе бара помош од Спејсикс за спасување на двајцата нејзини астронаути кои од јуни се заглавени во Меѓународната вселенска станица откако нивното Боинг летало наиде на неколку проблеми сред лет.

Интервенцијата на НАСА нема да значи итно враќање на двајцата астронаути, Буч Вилмор и Суни Вилијамс, туку тие ќе треба почекаат уште шест месеци, до февруари, за да ги собере леталото на Спејсикс.

Намерата на НАСА е да ослободи две места во претстојното лансирање на Спејсикс и наместо четворица да испрати двајца астронаути, па потоа двајцата нови и двајцата заглавени да се вратат заедно во февруари.

Новата екипа тргнува кон МВС на 24 септември.

Се работи за сериозно назадување на вселенската програма на Боинг, која веќе доцни неколку години зад капацитетите на Спејсикс. Дури и пред лансирањето на двата астронаута, Старлајнер програмата на Боинг беше 1,5 милијарди долари над буџетот и доцнеше неколку години.

Капсулата на Старлајнер која требаше да ги врати назад астронаутите, ќе се врати на Земјата некаде кон почетокот на септември.

26 август 2024 - 11:38