Сојузниците на Киев ѝ помагаат на Русија да ја финансира војната

Дел легално и дел со заобиколување на забраните за извоз, Русија се уште им продава гас и нафта на западните земји што ѝ воведоа санкции и со заработените стотици милијарди ја финансирала војната во Украина. Нови податоци укажуваат дека европските сојузници на Киев ѝ дале три пати повеќе пари на Русија за нафта и гас отколку што издвоиле како помош за Украина.

Уште пред воената инвазија врз Украина во февруари 2022 година, САД и Британија забранија увоз на руска нафта и гас, а ЕУ само сурова нафта преку море, но не и гас. По повеќе од три години војување, заклучно со 29 мај, Русија од продажба на енергенси остварила приход од 883 милијарди евра, покажуваат податоци од Истражувачкиот центар за енергија и чист воздух (КРЕА).

Речиси една четвртина од таа сума, односно 209 милијарди, пристигнале од членките на ЕУ и уште 19 милијарди од други земји што ѝ воведоа санкции на Москва. За споредба, членките на ЕУ од февруари 2022 до 2025 година ѝ дале 73 милијарди евра економска помош на Украина, според податоци на ББЦ.

Членките на ЕУ продолжија да увезуваат гас директно од Русија сè додека Украина во јануари годинава не го прекина транзитот преку гасоводот преку нејзина територија. Руска сурова нафта сè уште се доставува до Унгарија и Словачка.

И покрај санкциите, во 2024 година руските приходи од фосилни горива се намалиле за само 5%. Транзитот на гас преку Турција во јануари се зголемил за 26,77% во однос на истиот период лани, при што една половина од течниот природен гас (LNG) што го извезува Русија е наменет за ЕУ. Увозот на LNG не е вклучен во најновиот, 17-ти пакет санкции од ЕУ за Русија. Европската комисија најави целосно елиминирање на увозот на енергенси од Русија до 2027 година.

Покрај директната продажба, дел од нафтата што ја извезува Русија завршува на Запад „испрана“ во рафинерии во трети земји. КРЕА идентификувала три рафинерии во Турција и три во Индија кои преработуваат руска сурова нафта во вредност од 6,1 милијарди евра и потоа ја доставуваат до западните земји. 

Енергетски експерти ја отфрлаат идејата на Доналд Трамп дека војната во Украина брзо би завршила ако картелот ОПЕК ја намали цената на нафтата

Во Москва се подбиваат со оваа идеја, бидејќи најмногу ќе настрада американското производство на нафта од шкрилци, кое е најниско конкурентната нафтена индустрија во светот, изјави за ББЦ Владимир Милов, поранешен заменик-министер за енергетика на Русија.

******
Види и: Русија сама на себе немаше да може да си одбере подобри санкции

30 мај 2025 - 13:41