
Во периодот од јануари до март преку надворешните граници на Европската Унија нелегално пристигнале 33.600 мигранти, што е за релиси една третина помалку во споредба со првиот квартал во минатата година.
Бранот е стивнат преку сите рути. Сè уште најголем број луѓе нелегално пристигнуваат по најризичниот канал, со чамци преку Средоземно Море до Грција (9.627), до Италија (8.542) и до Шпанија (2.528), како и преку морската рута од Западна Африка (9.205). Според податоци од Организацијата за миграција во првите три месеци во бродоломи загинале 555 луѓе на пат кон Европа.
Преку источната копнена граница, главно од Белорусија, имало 1.502 нелегални преминувања, што е незначително помалку во споредба со истиот период лани.
Најголем пад во нелегалните премини има преку копнената рута што поминува низ Македонија, Албанија, Србија и Црна Гора. По овој пат во Европа се пробиле 2.111 мигранти, за дури 64% помалку од лани.
Групите за права на мигранти укажуваат дека намалувањето е резултат на запечатување на надворешните граници на Европската Унија, но и на засилениот фокус за одвраќање на мигрантите, при што се толерираат груби прекршувања на човекови права и насилства.
Со години ЕУ и нејзините членки соработуват со Либија за да го запрат на нејзиниот брег бранот мигранти кон Европа, и покрај докази за произволно притворање, тортура, сексуално насилство и ропство, изјави Алисон Вест од Европскиот центар за уставни и човекови права.