Бројот на експлозии од рачни гранати во Шведска расте од 5 во 2014, на најмалку 20 во 2017, а за минатата година има и плус 39 гранати запленети од полицијата.
Од полицијата во Стокхолм објаснуваат дека гранатите лесно може да се набават најчесто од тамошните банди по цена од околу 23 евра.
„Понекогаш кога бандите купуваат оружје добиваат гратис гранати како дел од зделката,“ објаснува Рајн Бергланд од полицијата во Стокхолм.
Најголемиот дел од рачните бомби во оптек се од воените залихи на Југославија и она што остана по војните во истата.
На страна бомбите, вооружените насилства во Шведска бележат раст во последните години, па само во 2017 има над 300 престрелки во кои загинуваат 41 човек. Во 2011, по иста основа има само 17 жртви. Речиси цели крвав биланс паѓа на плеќи на насилство меѓу бандите.
Според претставникот на шведскиот синдикат на вработени во брза помош, заради насилствата делови од Стокхолм се претворени во „забранети зони“ за возилата на брзата помош. Полицијата признава постоење на 60 „ранливи области“ ама одбива истите да ги опише како „забранети зони“.
Целата борба против вооруженото насилство во земјата доби идеолошка димензија. Едната страна вината за истото, иако има малку докази за тоа, најчесто се сведува на зголемениот број мигранти што Шведска ги прими од Ирак, Сирија, Авганистан и Еритреја.
Другата страна, тврди дека „шведското општество не е отворено за мигранти, има многу ксенофобија“ и е незадоволно што наместо да се бара решение за комплексните проблеми, Швеѓаните зборуваат за „забранети зони“ со што се етикетираат заедниците на бегалците.