Што знае дете што е рудник за јаглен

Со оправдание на ниво „абе запнаа децата да работат во рудник, не се разбираат од збор“ севернокорејските власти тврдат дека сираците низ земјата сами волонтираат да работат во државните рудници и фарми.

Корејската централна новинска агенција (КЦНА) објави дека децата „со мудрост и храброст во врвот на нивната младост“ избраа да работат физичка работа за државата. Иако не е соопштена нивната возраст, од сликите се проценува дека тие се тинејџери.

КЦНА објави дека „десетици деца сираци со трчање влегоа во рудникот за јаглен за да ја исполнат својата заклетва да вратат барем милионит дел од љубовта што партијата им ја покажала“.

По години негирање дека ги присилува децата на физичка работа, ова е прв пат Северна Кореја во некаква форма да спомне дека има впрегнато деца да ги работат некои од најтешките физички работи.

Во ретките сведоштва од земјата, неколку пребегани лица од Северна Кореја тврдат дека биле присилени да работат во тамошните рудници за јаглен. Според нив станува збор за ужасни услови, каде редовно се случуваат фатални несреќи, се работат долги смени и сето тоа со многу малку храна.

Потпрашањето на Лора Бикер од БиБиСи е зошто Северна Кореја бара бесплатна работна сила за своите рудници, фарми и фабрики?

Наводно причината е затоа што земјата е целосно ставена во карантин и ја има запечатено границата со Кина во обид да избегне ширење на ковид-19, што значи дека зависи од сопствените ресурси за какво-такво функционирање на стопанството, за што пак е неопходно зголемување на производството кое се постигнува само со нови извори на бесплатна работна сила.

Бонус од сето ова е што пропагандната машина на земјата има нови херои кои може да ги користи за идолизирање и кревање на духот на инаку изгладнетата и напатена нација.

Како ретко кога во април Ким Џонг Ун ги предупреди своите граѓани дека ги чекаат тешки времиња. Иако земјата половина век трпи само тешки времиња, овој пат причината за алармирање беше затворањето на границата со Кина.

Во извештај на американскиот Стејт департман од 2020, се тврди дека Северна Кореја често пати испраќа и ученици на работа за да „помогнат во комплетирање на специјални проекти, како чистење снег на главните автопати или остварување на производни таргети“. Наводно и деца на 16 или 17 години „се регрутирани во градежни бригади на период од 10 години“, каде страдаат од „физички и психолошки повреди, неухранетост, истоштеност“.

31 мај 2021 - 13:44